„Овие лаги што ги шири власта, вели тој, се очаен обид на ВМРО-ДПМНЕ за последна злоупотреба на трагедијата во Кочани за политички цели“, вели ексминистерот за внатрешни работи во реакција на Фејсбук, додавајќи дека тие доаѓаат во момент кога јавноста веќе знае дека токму нивни функционери, од сите ешалони на власта, биле директно инволвирани во случајот „Пулс“, а сега се заштитени
Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен координатор на пратеничката група на опозицискиот СДСМ во Собранието, Оливер Спасовски ги негира наводите на владејчката ВМРО-ДПМНЕ дека додека бил министер го штител нелегалното работење на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, каде во пожар на 16 март оваа година загинаа 62 млади лица, а повеќе од 200 беа повредни.

Според Спасовски станува збор за манипулации што ги пласира владејачката партија и кои ги отфрла како целосно невистинити.
„Најостро ги демантирам лагите и манипулациите коишто ВМРО-ДПМНЕ ги пласира. Ги отфрлам како целосни невистини. Ова е класичен пример за очајна манипулација. Никогаш, ниту во еден момент, не сум се јавил за да спречам контрола, напротив, фактот што контроли имало насекаде е најсилна потврда дека ниту сум влијаел, ниту постои било каков обид за тоа“,
вели Спасовски во објава на социјалната мрежа Фејсбук.
Овие лаги што ги шири власта, вели тој, се очаен обид на ВМРО-ДПМНЕ за последна злоупотреба на трагедијата во Кочани за политички цели.
Тие, како што додава тој, доаѓаат во момент кога јавноста веќе знае дека токму нивни функционери, од сите ешалони на власта, биле директно инволвирани во случајот „Пулс“ а сега се заштитени.
„Сакам да им порачам дека со спинови и лаги не може да се побегне од фактот дека власта ја попречува правдата за трагедијата во Кочани“,
вели ексминистерот за внатрешни работи.
Дали Оливер Спасовски се јавувал во СВР Штип и барал да се р’же на полицијата во Кочани за спас на газдата на дискотеката „Пулс“? Што кријат Јавното обвинителство и Коцевски?
Овие прашања денеска на прес-конференција ги постави Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на информации, односно на наводна телефонска конверзација меѓу синот на сопственикот на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и извесно лице што викендов беа објавени од дел од медиумите.
Според Андоновска овие, како што ги нарече, фрапантни сознанија покажуваат вмешаност на врвот на претходната Влада на СДСМ со нелегалното работење на „Пулс“.
Во таа насока, таа го повика Јавното обвинителство и првиот човек на оваа институцијата, Љупчо Коцевски да кажат дали истражиле и дали го повикале ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на информативен разговор, дали е извршена проверка во полицијата во Штип и Кочани и дали постоела негова ургенција.