Новиот тим на Ковачевски, според него, треба да бидат луѓе со повеќе енергија и поинаква визија. За Заев, пак, Спасовски рече дека му било чест што бил негов соработник и оти ќе остане историски факт тоа што го направил како лидер СДСМ во време на опозиција, но и потоа како премиер
Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 кажа дека тој не треба да биде во новото раководство на партијата на чело со новиот претседател Димитар Ковачевски.
„На новиот претседател треба да му се даде можноста, како што ја презема одговорноста да биде лидер и да ја предводи партијата, да му се даде полно право во изборот на неговиот тим. Тој избор треба можеби да го направи од нови луѓе и затоа сметам дека не треба да бидам дел од новиот тим, сè со цел да не го обременуваме ниту претседателот ниту новиот тим“,
рече Спасовски.
Новиот тим кој ќе раководи со СДСМ, според него, сепак треба да бидат луѓе кои се граделе и растеле со партијата.
„Кога зборуваме за нови луѓе не мислам за луѓе кои не растеле и не се граделе низ структурите на партијата. Луѓе кои можеби имаат и повеќе енергија и една поинаква визија, а ние ќе бидеме секако тука рамо до рамо да помогнеме сите заеднички да направиме чекор напред кон растењето на СДСМ“,
вели Спасовски.
За Ковачевски тој претходно кажа дека му е чест што е негов сограѓанин од Куманово со кого имаат блиски семејни односи.
Исто така, рече дека му била чест што бил соработник на Зоран Заев, за кого вели дека ќе остане историски факт тоа што го направил како лидер на СДСМ во опозиција, но и потоа како премиер.
„Мора да признаеме сите, и тоа е историски факт за сето она што го направи Зоран Заев и како лидер на опозицијата во тој момент, и потоа како претседател на Владата. Направи многу храбри исчекори, се донесоа многу важни одлуки за иднината и за државата. Ми беше чест што бев соработник на Зоран Заев. Секогаш носеше одлуки кои се храбри и визионерски, и коишто не можеа да ги разберат многу од граѓаните, но одлуки кои се покажаа како исправни“,
рече Спасовски.