Информира дека МВР отворило посебна криминалистичка обработка која се однесува на вработени и функцинери, поранешни и сегашни, кои во одреден момент вадат или пласираат документи до опозициската партија, медиумите и слично
Проширување на истрагата за случајот „Двојник“ најави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој вели дека никој нема да биде поштеден и истрагата ќе се прошири без разлика дали се работи за структури во МВР или надвор.
„Нема толеранција за ниту еден, кој сака нека е тој, и во стурктурите на МВР и во државата генерално. Секако, со партнерските служби работиме надвор од територијата на државата, при утврдување на идентитетите и при преземање на мерки против лица кои тие ги користеле“,
рече Спасовски во гостување на Канал 5.
Тој очекува истрагата да покаже како и на кој начин се правеле злоупотребите. Додаде дека ваквите активности датираат од времето на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова започна како активност на претходната власт и режим. Вакви афери со лични карти, пасоши започнале многу порано и биле користени во изборни цели и за тоа се водеа постапки, од страна на СЈО беа покренати постапки, обвиненија итн“,
рече Спасовски.
Сите детали од истрагата, како што посочи, ќе бидат детално анализирани, а се обезбедуваат и дополнителни докази. Според него, важно е дека институциите реагирале веднаш и дека е спроведена истрага која дала резултати.
„По добивањето информации од Интерпол за таков случај веднаш беше отворена истрагата. Таму во податоците ќе видиме дека еден добар дел од пасошите се направени во периодот додека беше министерот (Наќе) Чулев на позиција“,
рече Спасовски.
Информира дека МВР отворило посебна криминалистичка обработка која се однесува на вработени и функцинери, поранешни и сегашни, кои во одреден момент вадат или пласираат документи до опозициската партија, медиумите и слично.
„Таа обработка е во тек, прибрани се многу податоци. Тука ќе излезат на виделина сите работи, кој на каков начин ги прави, како поранешни, така и сегашни функционери. Електронскиот систем покажува кој е тој што влегува во системот и вади такви податоци“,
истакна Спасовски.