Техничкиот премиер Оливер Спасовски се сретна со шефот на мисијата на ОБСЕ во земјава, амбасадорот Клеменс Која, со кој разговарале околу подготовките за организирање и спроведување на парламентарните избори на 15 јули.
На средбата со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, премиерот Спасовски посочил дека Владата ќе ги обезбеди сите неопходни услови за спроведување на безбеден изборен процес од здравствен аспект во кои граѓаните ќе го остварат своето право на глас и на избор во фер и демократска атмосфера, но дека одговорност и клучна улога ќе има и опозицијата.

„Спасовски истакна дека Владата веќе ја започна интензивната комуникација со надлежните институции за спроведување на изборите, во прв план со Државната изборна комисија и со Државната комисија за спречување на корупцијата, и додаде дека за изборите, власта и опозицијата имаат заедничка одговорност, имајќи предвид дека опозицијата има клучна улога и одговорност заради раководењето со МВР како институција од исклучително значење за изборниот процес“,
се вели во владиното соопштение.
Амбасадорот Клеменс Која на средбата истакнал дека во услови на пандемија, ОДИХР во кус рок ја организираше и веќе ја размести Специјалната изборна оценувачка мисија за предвремените парламентарни избори.
Тој додаде дека мисијата ќе ги набљудува сите аспекти на процесот и изрази уверување дека и со овој формат мисијата ќе ја изврши својата мисија квалитетно и ефикасно во функција на кредибилно мониторирање на изборниот процес.
