Премиерот Оливер Спасовски во дел од своето обраќање на Самитот на ЕУ за Западен Балкан порача дека договорите со Грција и Бугарија треба да се спроведуваат подеднакво, како од нас така и од страна на двете соседни земји кои се членки на ЕУ.
„Подготвени сме за следните чекори и ќе работиме посветено со Комисијата и ЕУ Советот што поскоро да ја закажеме првата меѓувладина конференција која ќе го означи практичниот дел од преговарачкиот процес согласно новата методологија. Би сакал во оваа прилика уште еднаш да ве уверам дека Северна Македонија ќе остане посветена на фундаменталните реформи и ќе продолжи да придонесува за европската безбедност. Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија се нашиот влог во идната заедничка европска иднина при што ќе биде од исклучително значење да продолжиме да ги спроведуваме со добра волја подеднакво од наша страна како и од страна на засегнатите земји членки“,
рекол Спасовски пред лидерите од ЕУ.

Во најголем дел од својот говор тој зборувал за ситуацијата со ковид-19, и порачал дека Самитот доаѓа во вистинско време кога Европа забележува намалување на ширењето на заразата и ги олабавува рестриктивните мерките. Се заблагодарил што и во ваква ситуација се одржува Самитот, како и на солидарноста и финансиската помош од европските институции.
„Длабоко уверен дека заеднички ќе ја надминеме оваа криза и брзо ќе ги опоравиме нашите економии бидејќи и покрај првичните тешкотии Европа покажа, ќе употребам еден типичен балкански збор, ’жилавост‘ во моментите кога беше најтешко и кога меѓусебното разбирање и дејствување беше најпотребно. Како лидери на нашите земји и граѓани стоиме подготвени да ја зајакнеме нашата меѓусебна соработка за исполнување на условите за членство во ЕУ и да можеме што поскоро пред останатите во светот заеднички да се нарекуваме Европјани“,
рекол Спасовски.
Премиерот го споменал и заедничкото преседавање со Берлинскиот процес со Бугарија и порачал дека еден од приоритетите е да се развие заеднички регионален пазар врз основа на ЕУ законодавството.
„Во таа насока заедно со Регионалниот совет за соработка и Европската Комисија на Самитот во Софија наесен планираме да претставиме документ за натамошно развивање на регионалната економска интеграција“,
најавил Спасовски.