Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска изјави дека се подготвуваат посебни планови за постапувањето на полицијата за време на Велигден и 1 мај, но апелираше граѓаните да не се групираат и со одговорно однесување да придонесат во заштита на јавното здравје.
„Треба да потсетиме дека имаме забрана за групирање на повеќе лица од 4 и имаме посебни протоколи за организација на настани кои се одвиваат на отворен простор. МВР подготвува посебни планови за велигденските и првомајските планови. Да се придржуваме до мерките, оваа година тие се порелаксирани од лани, но состојбата не е. Имаме сериозна состојба и треба да останеме сериозни. Апелирам да бидеме одговорни, да празнуваме во кругот на семејствата, да не се групираме во верските објекти и така да дадеме придонес во зачувување на здравјето на граѓаните“,
рече Спасовски.
Од утре полицискиот час ќе почнува во 21 часот и ќе трае до 5 часот наутро. Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за време на верскиот празник Рамазан бајрам.
Од утре се отвораат и терасите на угостителските објекти.