МВР ќе ги преземе сите мерки за да обезбеди безбедност на пратениците и на законодавниот дом, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во однос на утрешната седница на која ќе се дискутира за францускиот предлог.
Министерството, рече Спасовски, ги прави потребните анализи, ги собира потребните податоци и информации, како што потенцираше, во однос на можните случувања коишто би биле во текот на одржувањето на седницата.
„Секако дека протести, јавно изразување на својот став, мислење итн., е демократска вредност, демократско право, меѓутоа тоа мора да биде и на демократски начин. Демократијата не подразбира анархично однесување, напротив демократијата подразбира однесување во рамките на законот. Апелирам до сите, пред сè до организаторите на овие собири, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ заради тоа што имаат испратено допис пред неколку дена како организатори на тие собири, секако тука се и други политички структури како Левица итн., здруженија на граѓани да направиме сè на мирен и достоинствен начин да поминуваат сите овие собири, “
рече Спасовски.
МВР, како што рече Спасовски, има податоци и информации како се подготвуваат одредени групации за менување стратегии, дека сите прибрани податоци се анализираат и се подготвува план за гарантирање на безбедноста и спокојство кај граѓаните.
Во пресрет на утрешната пленарна седница на македонското собрание на која ќе биде разгледуван францускиот предлог, на социјалната мрежа Твитер се појави слика со телефонските броеви на сите пратеници од редовите на СДСМ и од нивната коалиција.
Од скопското обвинителство за „Дојче веле“ потврдиле дека ги следат информациите и доколку бидат утврдени елементи на кривично дело ќе се постапи согласно законските надлежности.
Пред утрешната седница , премиерот Ковачевски порача дека очекува суштинска дискусија за предлогот, а од пратениците да бидат на ниво на задачата и да размислуваат државнички. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски ,најави дека тие ќе го разобличат предлогот кој според нив е штетен за државата.