Во 21 век имаме руска агресија врз Украина, а во моментот имаме и нова безбедносна криза во Израел. Сето тоа имплицира дека мораме да бидеме многу внимателни, да работат консолидирано сите безбедносни служби. Следиме од час во час и сите активности се анализираат, вели министерот

Случувањата на геостратешко ниво сериозно влијаат врз безбедносната состојба. Безбедносните служби се консолидирани и се во постојана координација со цел да се сочува безбедноста и стабилноста на државата, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Сите овие случувања на геостратешко ниво сериозно влијаат на безбедносната состојба, а и случувањата во регионот бидејќи ние сме кревок регион во однос на стабилноста, безбедноста. Имаме отворени прашања коишто треба да се решат преку дијалог. За жал, во 21 век имаме руска агресија врз Украина, а во моментот имаме и нова безбедносна криза во Израел. Сето тоа имплицира дека мораме да бидеме многу внимателни, да работат консолидирано сите безбедносни служби. Следиме од час во час и сите активности се анализираат“,
истакна Спасовски во емисијата „Трилинг“ на телевизија 24.
Тој додаде дека во постојана комуникација се Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање заедно со Министерството за внатрешни работи се со цел да ја сочуваме стабилноста и безбеднстаи така да влијаеме и во регионот.
„Во Северна Македонија и досега сме имале такви предизвици кога станува збор за насилниот екстремизам, радикализмот, тероризмот со кој успешно се справувале безбедносните служби и тоа го правиме и сега во континуитет“,
додаде Спасовски.
Во однос на законот за амнестија, Спасовски повтори дека негов личен став е дека таков закон не треба да се донесе.
Неказнивоста, според Спасовски, секогаш е проблем, затоа што раѓа нова неказнивост, и тоа не еднаш се случувало во државата.
„Имало состојба, да речеме, во 2012 година кога се случи настанот во Собрание, кога беа исфрлени новинарите и пратениците – немаше никаква одговорност. После тоа, се роди нов таков случај, инцидентот на 27 април 2017 година. Дополнително што тоа не е состојба, не е вредност која треба и мора да се промовира, затоа што токму правната несигурност ако се јавува, тогаш мислам дека тоа е најголемата штета за државата”,
истакна министерот Спасовски.
Во однос на законот за амнестија, Спасовски рече дека нема ниту една причина која би го оправдала неговото носење.
„Ако причината е функционалноста на системот за извршување на санкции – дека ќе се ослободат повеќе места, ќе се релаксираат казнено-поправните установи – анализата којашто ја направи Агенцијата за извршување на санкции по однос на законското решение е дека 260 лица ќе можат да бидат амнестирани за кривични дела коишто не се поврзани со овие за кои зборуваме: висока корупција итн., туку се едноставно кражби, разбојништва, јавен ред и мир, сообраќај. Сето тоа нема да придонесе да се релаксира системот. Напротив, сметам дека, а тоа го покажува и праксата, истите тие луѓе за многу краток временски период повторно стануваат проблем и се враќаат во казнено-поправните установи“,
рече Спасовски.
Во врска со можноста за враќање на екс премиерот Никола Груевски назад во државава, Спасовски рече дека нема начин на којшто тој би се вратил, а да нема одговорност.
„Најдобро е тој да се врати, а ако се врати ќе заврши во затвор. Нема начин Никола Груевски да се врати, а да избегне одговорност“,
додава Спасовски.
