Премиерот Оливер Спасовски денеска имал разговор со канадскиот премиер Џастин Трудо преку видео-конференциска врска и разговарале за состојбата со ковид-19, како и за нашето членство во НАТО, соопштија од владината прес-служба.

Спасовски, велат оттаму, се заблагодарил на активната улога што ја игра Канада во справувањето со кризата на глобално ниво, како и за директната помош што ја дава за Северна Македонија.
„Премиерот Спасовски ја истакна одличната и континуирана соработка и партнерство со Канада, и потенцираше дека со нашето членство и сојузништво во НАТО се отвораат дополнителни можностите за соработка за што постои интерес од двете страни“,
велат од Владата.
Трудо, пак, рекол дека му е задоволство што двете земји имаат соработка и дека се гордее што ја поддржувал Северна Македонија во интеграцијата во НАТО.
„Канада, истакна во разговорот со Спасовски премиерот Трудо, продолжува да ги поддржува напорите и аспирации на нашата земја за членство во ЕУ, и упати честитки што Владата на Северна Македонија во изминатите три години успеа да постигне значајни резултати и да надмине големи предизвици за да ги реализира евроатлантските аспирации на државата и на сите нејзини граѓани“,
соопштија од Владата.
