Каков човек може да бидете ако бегате и ги оставате оние кои работеле за вас да бидат по судови, затвори и да носат одговорност, вели министерот за внатрешни работи
Поранешниот премиер Никола Груевски ќе носи одговорност за се што ѝ има направено на оваа држава, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во гостување на ТВ21.
„И бегството и азилот и се што започнало има крај и тој ќе излезе пред лицето на правдата“,
нагласи Спасовски.
Тој потенцираше дека секогаш имало бегалци од правдата, па затоа лани во септември е почната посебна оперативна акција за пронаоѓање на лица во бегство и за четири месеци се пронајдени повеќе од 400 лица по кои била распишана меѓународна или домашна потерници.
„Никогаш нема бегство од правдата. Каков човек може да бидете ако бегате и ги оставате оние кои работеле за вас да бидат по судови, затвори и да носат одговорност, а вие да мислите дека ќе избегате. Се ќе си дојде на свое место. Секој ќе си носи одговорност“,
порача Спасовски.