На наводите на Спасовски дека станува збор за ништовен документ, реплицираше заменик-министерот за надворешна политика и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кој кажа дека според него во случајот станува збор за техничка грешка само во англиската верзија и оти тоа може да се поправи со размена на ноти меѓу двете држави
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) ја доведе во прашање владиноста на договорот „влада со влада“ меѓу С Македонија и Обединетото Кралство чија ратификација е на дневен ред денешната 52. пленарна седница на Собранието.

Ставот на опозиционерите во процедурална забелешка од собраниската говорница го кажа координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски. Во поткрепа на ваквите тврдења, тој, покажувајќи делови од Договорот, се осврна на два моменти во него, кои, како што кажа, го отвораат прашањето дали станува збор за ратификација на меѓународен договор, како и тоа, дали документот е валиден.
Како што наведе, Спасовоски во македонската верзија на документот стои дека станува збор за договор меѓу владите на двете земји, додека во англиската се користи англискиот термин „arrangement“, односно спогодба, што би бил предводот на македонски јазик.
„Сметам дека треба да имаме јасна претстава за тоа што сакаме да гласаме денеска, и како и на кој начин да постапиме. Зошто? Имаме повикување на членовите од Уставот и од Деловникот, кои што се однесуваат на меѓународен договор. Во самиот договор стои дека преводот на двата текста е со исто значење.Но, во македонскиот текст стои дека е договор ‘Предлог-закон за ратификација на договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во врска со партнерството за реализација’, а во англиската верзија стои ‘arrangement’, односно ‘спогодба’, и не може да се толкува како меѓународен договор. Тоа е првата работа“,
рече Спасовски.

Вториот момент на кој укажа пратеникот на СДСМ и кој како што кажа го прави ништовен овој документ, е тоа што во англиската верзија стои дека го потпишал потпретседател на Република Северна Македонија, односно функција што не постои во македонскиот правен систем.
„Ако ги погледнеме двете верзии, посебно ако ја видиме англиската верзија, каде што е потпишан договорот, ова е ништовен документ. Зошто е ништовен документ? Затоа што пишува дека го потпишал ‘Vice President of the Republic of North Macedonia’. Значи, ние како држава немаме потпретседател на Република Северна Македонија. На таква функција последен беше Љупчо Георгиевски. А во македонската верзија стои дека го потпишал ‘Заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија’. Ако е вака, тогаш нема апсолутно важност ваков еден договор — или спогодба, како сакате наречете го — и тоа ќе мора да се исправи“,
кажа Спасовски.

Поради ова, тој во име на пратеничката на СДСМ побара пауза од еден час за да како што кажа Собранието и Владата ги разјаснат ваквите недоследности.
На наводите на Спасовски реплицираше заменик-министерот за надворешна политика и надворешна трговија, Зоран Димитровски која кажа дека според него во случајот станува збор за техничка грешка само во англиската верзија и оти тоа може да се поправи со размена на ноти меѓу двете држави.
„Настаната е грешка во делот на англиската верзија, не и во македонската којашто има соодветен превод и на англиски. Се разменуваат ноти и се поправа таа техничка грешка. Инаку, јасно е дека во име на владата на Република Северна Македонија договорот го има потпишано вицепремиерот (Александар Николоски)“,
рече Димитровски.
Договорот за партнерство за реализација на инфрааструктурни објекти, со кој земјава добива можност за заем од пет милијарди фунти од Обединетото Кралство на 22 мај во Лондон го потпишаа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас.
Предлог-законот за ратификација на договорот вчера влезе во собраниска процедура, а денеска се најде и на пленарна седница пред пратениците.
По две подолги паузи расправата за ратификацијата на договорот продолжи попладнево.
Претходно Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и владата на Обединетото Кралство доби зелено светло од собраниската Комисија за надворешна политика. Во Комисијата Предлог-законот денеска претпладне беше поддржан со 10 гласа „за“ и ниту еден глас „против“.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес-конферецнија во законодавниот дом ја повика опозицијата на конструктивност и упати апел да гласаат за Договорот затоа што, како што рече, тој е историски за Македонија.