Комисијата за заразни болести, Државната изборна комисија и ОБСЕ/ОДИХР нè информираа дека очекуваат датум за избори и на основа на тоа да започнат подготовки, рече премиерот Оливер Спасовски во интервјуто за ТВ Клан.
„Комисијата за заразни болести даде извештај, стручно мислење, протокол за тоа како и на кој начин може да се одржуваат изборите, какви би биле тенденциите во однос на развојот на болеста. Државната изборна комисија информираше за роковите коишто се потребни за спроведување на изборните дејствија. Во писмото од ОБСЕ/ОДИХР нè информираат дека очекуваат датум за избори и на основа на датумот да ги започнат сите подготовки за испраќањето на мисијата за набљудување на изборите“,
вели Спасовски во интервјуто.
Владејачкиот СДСМ и лидерот Зоран Заев инсистираат дека најпогодно време за одржување на предвремените избори ќе биде 21 јуни. Според Заев, најдобро е по завршувањето на вонредната состојба на 30 мај да продолжат изборните рокови.
Тој очекува во наредниот период од 7 до 10 дена, односно додека заврши вонредната состојба на 30 мај, партиските лидери да најдат заеднички прифатливо решение.
„Ако не најдеме решение, законот предвидел како се решаваат сите детали. Како продолжуваат замрзнатите рокови, како се пополнува списокот со оние што наполниле 18 години до денот на гласање. Уште еднаш напоменувам, се гласа со лична карта и патна исправа. Секој над 15-16 години може да извади лична карта, и да не извади, има патна исправа. Ако по автоматизам Избирачкиот список ги има сите внатре, Избирачкиот список е завршен, јавниот увид е завршен. Во писмото господинот Дерковски го потврдува тоа дека сите постапки се завршени и се прифатливи за завршени и продолжуваат од каде што се застанати. Зошто? Затоа што законот дава решение како да продолжат таму каде се застанати. Не сакам никој тоа да го сфаќа како некој ултиматум. Не, треба да се договориме. Ако не се договориме, да знаат сите дека на 21 ќе има избори со 14 кандидатски листи, ќе се излезе на гласање и верувам дека максимален ќе биде бројот на излезени гласачи“,
изјави на вчерашната прес-конференција.
Од друга страна, пак, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вчерашното гостување на ТВ Сител му посака среќа на СДСМ во одржувањето на изборите во јуни.
„Додека зборувам за датуми, се чувствувам непријатно бидејќи денеска имаме нови 22 инфицирани, а уште двајца го загубија животот. Но, мојата работа е таква, јас сум политичар и ова е политичка тема и ќе ми простат граѓаните што морам да давам одговори и на вакви прашања, бидејќи поинаку не би можел да функционирам. Вчера се извинив кон граѓаните, потоа говорникот после мене, Зоран Заев, се обиде сето тоа да го вулгаризира дека јас сум барал политичка средба кај господинот Пендаровски. Се согласувам дека ја побарав, но ја побарав за да разговараме за актуелната политичка ситуација во државата, економската, но пред се и над се, здравствената. Тогаш, ако се сеќавате, дојде одговор од СДСМ дека не е време за избори и дека нема што да одат на лидерска средба на која ќе разговараат за избори, иако никој тогаш не спомна избори за недела-две потоа, повторно за 180 степени да го променат својот став и да лиферуваат датуми дека ако не оди опозицијата тогаш ќе оделе сами. Еве, ако одлучат да одат во јуни на избори, со среќа нека им се тие избори“,
рече Мицкоски.