Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на прес-конференција рече дека постојат индиции и материјални докази дека во МВР во времето на Спасовски незаконски се спроведувале постапки и се склучувале договори
„Додека јас бев во Министерството за внатрешни работи, немаше никакви проблеми ниту со пасошите ниту со личните карти“, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски одговарајќи му на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој претходно на прес-конференција во Министерството го обвини претходно раководство за недостигот на документите, но и за незаконско спроведување тендери и префрлање финансии на компанијата „Веридос“.
„За сè што има постојат документи, а органите нека истражат сè што е правено и како е правено. Сè што е направено е направено во интерес на граѓаните врз основа на една легална и законска процедура“,
рече Спасовски на прес-конференцијата во Владата одговарајќи на новинарско прашање.
Чулев претходно на прес-конференција рече дека постојат индиции и материјални докази дека во МВР во времето на Спасовски незаконски се спроведувале постапки и се склучувале договори.
„МВР се соочува со сериозно проблем и застој во издавање на лични документи особено на патните исправи што е последица на несовесно работење во минатото, но воедно и отвора сомнежи за прекршување на законски процедури и норми. Се работи за свесно или несвесно заобиколување на законски утврдените процедури кои отстапки само го потврдуваат недомакинкото и непланско работење од Спасовски со што се предизвикани негативни фискални импликации на буџетот на МВР. Постојат индиции подкрепени со материјални докази кои велат дека се спроведувале постапки спротивно на законот и за истите се склучувале договори,
рече Чулев.
Тој објасни дека се работи за два договори – во 2016 година МВР доставува до Владата информација дека Договорот од 2007 до 2017 година со компанијата „Веридос“ е истечен и треба да се склучи нов долгорочен договор на пет години, а инаку МВР во 2016 година кажува дека е добро на 10 години заради тоа што овој оперативен систем трае подолг временски период, за да не се прават дополнителни трошоци. Владата како што рече, донела одлука дека треба да се склучи нов долгорочен договор, односно да се направи меѓународен тендер, за кој за да се направи потребно е да се избере консултантска фирма. Меѓутоа МВР не го спровело тоа и склучило рамковна спогодба со „Веридос“ од 2017 до 2019 година во траење од две години. Таа рамковна спогодба, според Чулев е во износ од 7.209.963 милиони евра, меѓутоа износот на спогодбата се зголемува дури на 12.898.523 евра со што се прекршиле законските постапки и процедури.
Потенцира дека дополнително во овој период од две години наместо повторно да се распише меѓународен тендер и покрај обврската која е дадена на МВР од Владата тој не е направен, четири пати намерно или ненамерно неуспешен е изборот на консултантска фирма, што треба да го распише.
Истекува периодот 2019 година и во декември, нагласи Чулев, се склучува нова рамковна спогодба пак на две години со истата компанија „Веридос“.
„Во меѓувреме во оваа рамковна спогодба не се специфицирани техничките спецификации што треба да се содржат во неа. Комисијата која била вклучена се откажува заради тоа што смета дека не се исполнети техничките услови за склучување на рамковна спогодба меѓутоа се продолжува со спогодбата со тоа што се менуваа членовите на Комисијата и тие продолжуваат со постапката која е на висока сума. Не е преговарано од МВР, туку наместо тоа да ги даде техничките спефицикации, фактички Веридос дава технички спецификации на тоа што нам како МВР ни е обврска да го специфицираме во рамковната спогодба околу изгледот на новите обрасци со новото уставно име на државата, околу рокот на испорака, начинот на плаќање итн. Дополнително се набавува хардвер во вредност од седум милиони евра, а прашање е дали тој нас ни е потребен или не без соодветен софтвер и без технички спецификации“, рече Чулев.
На прес-конференцијата на Чулев реагираше и дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровска, која посочи дека проблемот со пасошите треба да го реши министерот.
„Жалам што министерот не сака да ги презентира сите докази, тој е министер не да изнесува жалби туку да ги решава проблемите на граѓаните. А ако не знае како, нека побара совет, ние сме подготвени да му помогнеме. Службите веќе го информираа дека е можно да се појави проблем со издавањето на патните исправи. Го повикавме министерот најбрзо што може да донесе одлука со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните“,
рече Петровска одговарајќи на новинарско прашање при посетата на СВР Тетово.