Пратеникот Петрушевски како спорно го наведува тоа што полицискиот функционер присуствувал на отворање на штабови на СДСМ во Кумановско, оценувајќи дека тоа значи притисок и нарушување на изборниот процес
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да го разреши началникот на СВР – Куманово, Стојанче Величковиќ, кој денеска присуствувал на предизборни настани на СДСМ, односно на отворање партиски штабови во неколку реони во оваа општина, побара вечерва пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово Бране Петрушевски.
Во објава на Фејсбук, Петрушевски објави и фотографии, на кои е обележан Величковиќ, а за кои се тврди дека се од отворање на штабови на СДСМ во Војновиќ, Черкезе и Рпомановце за поддршка на градоначалничкиот кандидат Оливер Илиевски.
„Министер за внатрешни работи, што бара Стојанче Величковиќ, началник на СВР – Куманово во штабови на СДСМ? Објавата и сликите се од денес. Ве прашувам во контекст за законските измени доставени до Собранието, со кои барате припадник на МВР да не биде член на политичка партија. Дали ова ќе важи и за вашиот пулен Великовиќ и дали ќе го разрешите од позицијата? Или измените ви се потребни само за пресметки со неистомислениците. Дополнително, неговото присуство во штабови на политичка партија значи притисок и порака до останатите граѓани и го нарушува изборниот процес. Барам ваша итна интервенција, Спасовски, за Великовиќ да биде разрешен, со што ќе покажете јасна волја за демократски и фер избори и ќе придонесете во департизација на МВР“,
напиша Петрушевски.