Универзитетскиот професор додава и дека токму поради моменталниот изборен модел, помалите политички партии се принудени да влегуваат во коалиции со поголемите партии, со цел да обезбедат свое место во Собранието
Секако дека има причини да се размислува за коригирање, адаптирање на изборниот модел, поради фактот што уште од неговото инаугурирање, се мисли на актуелниот изборен модел со шест изборни единици, од 2002 година па до денес, постојано лебди на површина, можеби не како главна, но до ден денешен како актуелна, потребата за прилагодување на изборниот модел, вели во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат универзитетскиот професор Александар Спасеновски, зборувајќи за веќе отворената дебата во јавноста за воведување една изборна единица.
Според Спасеновски, суштината на изборниот модел е да обезбеди потполна претставеност на сите политички партии, но не само од политички аспект, туку треба да се запази и половата и етничката претставеност во Собранието.
„Доколку ја анализираме примената на актуелниот модел со шест изборни единици, ќе можеме да видиме дека има обезбедена претставеност, но не целосна во согласност со процентот на населението, врз основа на неговата етничка, политичка и полова припадност. Доколку направиме анализа на претставеноста во Собранието, да речеме, во последните пет изборни циклуси, ќе видиме дека врз основа на етничката структура, некаде околу 70 проценти од пратениците се изјаснуваат како етнички Македонци, 20 до 22 проценти како етнички Албанци и по 2 проценти или по 1 процент од останатите етнички уставно споменати заедници. Од друга страна, пак, кога станува збор за половата структура, исто така, можеме да видиме дека постои диспропорција, во која околу 70 проценти од пратениците се мажи, а околу 30 проценти се жени“,
рече Спасеновски.

Зборувајќи за политичката претставеност во законодавниот дом, тој вели дека со евентуално воведување една изборна единица ќе се овозможи помалите политички партии да освојат повеќе пратенички места.
„Доколку ги анализираме последните парламентарни избори, ќе видиме дека партиите што не обезбедија место во Собранието имаат освоено повеќе од 30 000 гласови, што значи дека тие гласови не вродиле со плод, односно ги сметаме за изгубени гласови. Доколку оваа бројка на гласови ја ставиме во корелација со вообичаениот број гласови потребни за едно пратеничко место, ќе видиме дека тука навистина станува збор за изгубени гласови што би можеле да бидат претворени во соодветни пратенички места. Поради природата на изборниот модел, на пример, политичката партија Интегра не успеа да освои пратеничко место со над 12 илјади освоени гласови и поради тоа, во овие работи, ги гледаме причините зошто постојано лебди таа дебата за промена на изборниот модел“,
истакна Спасеновски.
Универзитетскиот професор додаде и дека токму поради моменталниот изборен модел, помалите политички партии се принудени да влегуваат во коалиции со поголемите партии, со цел да обезбедат место во Собранието, иако, како што вели Спасеновски, тие сметаат дека заслужуваат повеќе пратенички места од оние што ги добиваат како кандидати на листите на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ.
