Од Службата за општи и заеднички работи потенцираат дека се прилагодуваат на препораките и задолженијата за штедење и тоа, според нив, се рефлектира во финално потрошените средства за потребите на институциите кои се далеку пониски од предвидените и планирани средства
„Неточни се наводите дека набавките се однесуваат само на Владата, истите се однесуваат на сите институции: Собрание, Влада и Претседател“, реагираат од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) откако претходно опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта потрошила над два милиони евра за, како што потенцираа, луксузирање.
Од СОЗР посочуваат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ со манипулации, неосновани конструкции и шпекулации, сака да ја доведе јавноста во заблуда.
„Што се однесува до самите договори, станува збор за рамковни договори кои се однесуваат на потребите на сите овие институции. Потоа, преку тековните набавки кои се реализираат во рамки на тие рамковни договори се нарачуваат потребните количини“,
велат од Службата.
Од СОЗР велат и дека треба да се има предвид дека проценетите вредности на рамковните договори се исти со години наназад, иако малопродажните цени се далеку повисоки што, според нив, говори за определбата за домаќинско и економско работење.
„Владата на Република Северна Македонија во време на криза им наложи на сите институции да ги рационализираат ресурсите и потребите и да се придржуваат кон насоката за максимално елиминирање на непродуктивните трошоци. Една од основните определби на Владата е за време на тековната криза сите ресори на извршната власт да се сообразат со условите и одговорно, заеднички и солидарно да учествуваат во напорите за надминување на влијанијата на кризата“,
велат од СОЗР.
Потенцираат дека Службата за општи и заеднички работи се прилагодува на овие препораки и задолженија за штедење и тоа, според нив, се рефлектира во финално потрошените средства за потребите на институциите кои се далеку пониски од предвидените и планирани средства.