Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) испрати демант до редакцијата на „360 степени“ затоа што не било точно дека не одговориле на нашите прашања пред објавувањето на сторијата за (зло)употреби на службените возила
„360 степени“ го објавува и демантот и одговорот на прашањата затоа што одговорите од СОЗР навистина стигнале навреме, но во делот „spam“. Односно, сервисот Gmail, што го користиме за електронска пошта, ги препознал електронските писма како штетни. За сторијата во која е спомнат и СОЗР, „360 степени“ контактира повеќе од 15 институции и ги објавивме сите ставови што ги добивме
„360 степени“ пред две недели објави сторија за (зло)употребата на службени возила од различни институции, меѓу кои и Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата. При подготовката на сторијата, црната „шкода“ со регистарски таблички SK-2043-BF што ја користи СОЗР ја снимивме на паркингот на еден голем супермаркет во скопската населба Тафталиџе. Во колата влезе човек со полна кеса по пазарење во маркетот. Потоа, со возилото се врати во зградата на СОЗР и сето ова со службено возило и во работно време.
Во СОЗР преку електронска пошта ги прашавме зошто службено возило на СОЗР се користи за пазарење во супермаркет и дали таквата употреба на службеното возило е согласно етичкиот кодекс и Одлуката за начинот на користење на службените возила?
Од СОЗР ни потврдија дека станува збор за службено возило кое, како што велат, го користат за вршење превоз за реализација на работни задачи и обврски од надлежност на Службата за сопствени потреби и за потреби на субјектите за кои врши работи и услуги согласно Одлуката за нејзиното основање.
„Во таа насока, по однос на Вашето прашање, користењето на предметното возило во работен ден, во тек на работно време, не претставува злоупотреба и истото е користено за потребите на Секторот за угостителство при Службата“,
велат од СОЗР.
Но, овој одговор на СОЗР, пратен навремено до нашата редакција, завршил во делот „spam“ во нашата електронска пошта без да биде забележан, па сторијата беше објавена без него. Веднаш по објавувањето на сторијата, од СОЗР пратиле уште едно електронско писмо во кое демантираат дека не ни одговориле на прашањата, кое исто така завршило во делот „spam“. Откако ги „откривме“ и двете писма на СОЗР, ги објавуваме. Следува демантот во целост:
Почитувани,
Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Службата) најостро го демантира и го отфрла како дезинформација објавеното во Вашата сторија која се емитуваше во рамки на емисијата „360 степени“ на 15.05.2023 година на Алсат телевизија.
Првенствено, на поставените прашања од страна на новинарот Зоран Јованоски доставени преку електронска пошта на ден 11.05.2023 година со барање истите да бидат одговорени најдоцна до крајот на работното време на 12.05.2023 година, е одговорено од страна на Службата во бараниот рок, односно на постоечкиот мејл од кој се испратени прашањата, во 15.05 часот на 12.05.2023 година повратно е доставен одговорот на Службата.
Крајно неетички е презентирање и доведување до заблуда на пошироката јавност со еднострано изнесување на став по конкретна ситуација, без да се објави и одговорот на инволвираната страна, навремено доставен во рокот побаран од страна на новинарот Зоран Јованоски, а уште пострашно е што јавно се изнесени неточни информации дека од страна на Службата воопшто не е доставен одговор.
Оттука, Службата бара во целост да го објавите овој демант, како и да го објавите навремено доставениот одговор и да ја повлечете изнесената дезинформација.
Со почит,
Служба за општи и заеднички работи
на Владата на Република Северна Македонија
По ова, „360 степени“ побара од СОЗР да ни достави копија од фискалната сметка од пазарењето во супермаркетот во Тафталиџе што би било покритие за во работно време и со службено возило да се пазарува за, како што тврди СОЗР, службени потреби.
