Министерот за надворешни работи Бујар Османи во рамките на официјалната посета на Грција се сретна и со претседателката Катерина Сакеларопулу, премиерот Кирјакос Мицотакис и со алтернативниот министер за европски прашања, Милтијадис Варвициотис.
Министерството за надворешни работи соопшти дека разговорите биле насочени кон динамизирање на севкупните односи меѓу двете земји преку посветена имплементација на Договорот за стратешко партнерство (Преспа), со цел развивање и зајакнување на заедничкото стратешко партнерство.
„Само со заеднички напори можеме стратешко партнерство да го претвориме во долгорочно и стабилно пријателство, што како земји – соседи со сигурност ќе донесе подобар живот за граѓаните на двете земји. Во регионот, добивме нова реалност, докажавме дека сите предизвици можат ефикасно да се решат преку заеднички и координирани напори. Оттука, јас цврсто верувам дека соработката меѓу Северна Македонија и Грција е дефинитивно нова интегративна моќ за целиот регион“,
истакна Османи.
Како што се посочува во соопштението на МНР, на средбите бил нагласен и досегашниот активен ангажман на Грција во делот на европските интеграции на Северна Македонија и беше потенцирано дека земјата остануваа наш доследен поддржувач што е од интерес за двете држави, но и од клучно значење за целиот Регион.
„Не смее да биде загрозена европската перспектива на земјите од Западниот Балкан. Сите мора да вложиме во развојот на добрососедските односи, да ја засилиме регионалната соработка и да ја зачуваме европската иднина на регионот. Само преку рушење на стереотипите од минатото и создавање стабилни пријателства ќе обезбедиме просперитетна иднина за нашите граѓани“,
заклучи Османи.
Коментирајќи ги средбите во Атина, министерот Османи на својот профил на Фејсбук порача дека двете земји создале пример за пријателство и добрососедски односи.
„Поставуваме пример за пријателство, за добрососедски односи, за градењето доверба – импулс кој ги надминува границите на нашите земји и создава пример за целиот регион“,
напиша Османи на Фејсбук.