Брачната двојка лекари Угур Сахин и Озлем Туречи од германската компанија „Бионтек“ се научниот дел од тимот што ја создаде вакцината која носи потпис на американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“
Во моментот кога се појави мистериозниот вирус во Кина, тие работеле на вакцина против тумор, по што одлучиле овие напори да ги насочат кон вакцина против Сарс Ков-2
Создавачите на вакцината за коронавирус на „Фајзер/Бионтек“ велат дека технологијата што ја користеле за создавање на оваа вакцина може да се искористи и за создавање вакцина против рак.
Брачната двојка лекари Угур Сахин и Озлем Туречи од германската компанија „Бионтек“ се научниот дел од тимот што ја создаде вакцината која носи потпис на американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“.

Д-р Туречи работеше на истражување на тоа како да се поттикне имунолошкиот систем да се справи со туморите, кога минатата година се појави мистериозниот вирус во Кина.
Тие одлучија да ја применат технологијата што ја истражуваа две децении за новата закана, нарекувајќи го „Проект брзина на светлината“.
Двете вакцини против ковид-19 „Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“ користат РНК (mRNA) за да испраќаат генетски упатства до клетките на човечкото тело за создавање протеини кои би се бореле против коронавирусот.

Истиот принцип може да се примени за да се добие имунолошки одговор против тумори.
„Имаме неколку различни вакцини против рак засновани на РНК“,
изјави д-р Туречи за Асошиејтед прес.
На прашањето кога таквата терапија може да биде достапна, таа вели:
„Тоа е многу тешко да се предвиди во иновативниот развој. Но, ние очекуваме дека само за неколку години ќе ги имаме и вакцините (против) рак кои ќе можеме да им ги понудиме на луѓето.“
Мината недела германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на брачниот пар му додели едно од највисоките одликувања во земјата, „Орден за заслуги“, на церемонијата на која присуствуваше канцеларката Ангела Меркел.
„Почнавте со лек за лекување рак кај една индивидуа, а денес имаме вакцина за целото човештво“,
рече германскиот претседател.
Д-р Туречи пред церемонијата изјави дека наградата е навистина голема чест, но инсистираше на тоа дека развивањето на вакцината е дело на многумина.
„Станува збор за напор на многумина: нашиот тим во ‘Бионтек’, сите партнери кои беа вклучени, исто така влади, регулаторни тела, кои работеа заедно со чувство на итност. На ова признание гледаме како прослава на науката“,
рече таа.
Како резултат на скромните почетоци како деца на имигранти, сега научниците и претприемачи, професорот Сахин (55) и д-р Туречи (53), се меѓу 100-те најбогати Германци, а вредноста на нивната компанија „Бионтек“ се искачи на 21 милијарда долари.

Сахин, кој е роден во Турција, е лекар и е главен извршен директор на „Бионтек“, а фокусот го насочи кон истражување на имунотерапија.
Д-р Туречи, која е главен медицински директор на компанијата, е родена во Германија и е ќерка на турски лекар кој имигрирал во Германија од Истанбул.