„Членовите на Советот ја нагласија важноста од деескалацијата и изразија солидарност со Катра. Тие, исто така, ја нагласија својата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Катра“, се наведува во изјавата што беше поддржана и од сојузникот на Израел, Соединетите Американски Држави (САД)
Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ги осуди неодамнешните напади врз главниот град на Катар, Доха, но не го спомена Израел во изјавата што ја прифатија сите 15 членки, вклучувајќи го и сојузникот на Израел, САД, пренесоа светските медиуми.

Израел пред два дена во напад врз Доха се обиде да ги убие политичките лидери на Хамас, ескалирајќи ја со тоа својата воена акција, а што наиде на критики и од Вашингтон, кој потегот го оцени како едностран напад што не ги унапредува интересите на САД и Израел.
Инаку, САД традиционално го штитат својот сојузник Израел во Обединетите нации. Поддршката на САД на изјавата на Советот за безбедност, која можеше да се одобри само со консензус, како што се толкува, го одразува незадоволството на претседателот Доналд Трамп од нападот нареден од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Членовите на Советот ја нагласија важноста од деескалацијата и изразија солидарност со Катра. Тие, исто така, ја нагласија својата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Катра“,
се вели во изјавата зад која стојат Велика Британија и Франција.
Широко осудената операција во Доха е особено чувствителна бидејќи Катар беше домаќин и посредник на разговорите насочени кон обезбедување прекин на огнот во Газа.
„Членовите на Советот нагласија дека ослободувањето на заложниците, вклучувајќи ги и оние убиени од Хамас, како и завршувањето на војната и страдањето во Газа, мора да останат врвен приоритет“,
се вели во изјавата на Советот за безбедност на ОН.
Израелските воздухопловни сили во вторникот ги таргетираа лидерите на Хамас кои се состанаа во комплекс во Доха.
Овој напад предизвика критики и од американскиот претседател Доналд Трамп, кој го оцени потегот за неразумен.
Нетанјаху ги предупреди катарските власти дека оние што ги засолнуваат терористите мора или да се протераат или да се изведат пред лицето на правдата.
Хамас, кој е во војна со Израел во Појасот Газа, тврди дека високи функционери што биле цели на нападот преживеале, но дека шестмина се убиени.
Израел вети дека ќе го уништи исламистичкото движење и ќе го протера од палестинската територија.
Воздушниот напад на Израел врз Доха предизвика широка меѓународна осуда.