За потсетување, вчера, вработените во општинската администрација во Карпош излегоа на протест поради недонесувањето на општинскиот буџет за 2024 година. Тие од пред општинските бараки го изразија своето незадоволство и страв од последиците кои ќе ги има општината поради недонесувањето на буџетот
Со 15 гласа „за“ советниците на Општина Карпош денеска го изгласаа буџетот за 2024 година. Како што информираат од Општина Карпош, максималниот износ на сопствените приходи на основниот буџет за 2024 година ќе изнесува 546 301 959 денари. Но, како што посочуваат оттаму, со оглед на фактот дека локалната самоуправа ќе добие и средства како приход од ДДВ за 2024 година во висина од 24 435 830 денари, во тој случај, основниот буџет на Општина Карпош ќе изнесува 570 737 789 денари.
„Консолидираниот буџет (вклучувајќи ги тука и сите основни училишта и детски градинки на територија на Карпош) ќе изнесува 1 262 790 000 денари, од кои најголемо учество во вкупните приходи имаат приходите кои ќе бидат остварени преку трансфери и донации во висина од 656 713 000 денари, или 52 отсто. Даночни приходи ќе бидат остварени во висина од 512 914 000 денари или 40,6 отсто, додека пак останатите 6,3 отсто или 79 013 000 денари се неданочени приходи, како и капитални приходи во износ од 14 150 000 денари односно 1,1 отсто“,
се наведува во соопштението на Општина Карпош.
На почетокот на денешната 37. седница, советниците на ВМРО-ДПМНЕ побараа прекинување на седницата и пристапување кон носење одлука за времено финансирање на општината.
Овој предлог, како што јави МИА, беше одбиен од Добрила Андоновска, која како најстар член претседаваше со Советот бидејќи претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, преку писмо информира дека поради здравствени причини нема да присуствува на седницата.
„Барам да биде прекината седницата. Зошто? Затоа што утрово не можевме да поднесеме барање за седница на која би имало единствена точка на дневен ред – носење одлука за времено финансирање на општината, бидејќи во 9:30 часот немаше никој во архивата. Затоа барам оваа седница да биде прекината и веднаш да пристапиме кон носење одлука за времено финансирање на општината“,
побара во процедурална забелешка координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Роберт Вељановски.
Андоновска истакна дека ова процедурално барање нема ниту основа, ниту тежина, ниту можност за понатаму да се дискутира. Таа потенцира дека ниту во описот и пописот не е во нејзините должности да прими такво барање.
По изгласувањето на Буџетот на општината, преку прес-конференција реагираа од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Советникот Роберт Вељановски истакна дека Буџетот денеска бил донесен насила, вон секоја демократска процедура, со кршење на сите законски акти и подакти и на Деловникот, Статутот на Општина Карпош и Законот за локална самоуправа.
„Денес сме сведоци на насилство и талатизација на Советот на општина Карпош. На наше големо жалење, градоначалникот на општина Карпош, г. Стевче Јакимовски, со помош на советниците од ГРОМ, СДС и епските јунаци од политичкиот исцедок на СДС, Левица, спроведе целосна и комплетна талатизација на Советот на Општина Карпош. Пулените на шарениот револуционер Димитар Апасиев режираа класична трагикомедија во Советот на Општина Карпош со непојавување на претседателот на Советот на четвртото продолжение на 37. седница на Советот“,
рече Вељановски.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, по изгласувањето на општинскиот буџет за годинава, во изјава за медиумите истакна дека на денешната седница советниците на ВМРО-ДМПНЕ се обиделе да го блокираат неговото донесување, нагласувајќи дека со таквата постапка тие сакале да го запрат функционирањето на општината.
„Ова беше настан без преседан во историјата на локалната самоуправа, каде што советниците на ВМРО-ДМПНЕ се обидоа да го блокираат донесувањето на буџетот, а со тоа да го запрат функционирањето на Општината и исплаќањето плати на вработените од општинската администрација, училиштата и градинките. За среќа, надвладеа разумот и огромна благодарност од мене, од граѓаните на Карпош, од општинската администрација, до советниците на СДСМ, Левица и ГРОМ и двајцата независни советници Невена Георгиевска и Александар Илиески, коишто ја видоа сериозноста којашто се создава со неносење на Буџетот, но со жалење можеме да констатираме дека советниците од ВМРО продолжија со нивниот деструктивен однос“,
изјави Јакимовски.
За потсетување, вчера, вработените во општинската администрација во Карпош излегоа на протест поради недонесувањето на општинскиот буџет за 2024 година. Тиа од пред општинските бараки го изразија своето незадоволство и страв од последиците кои ќе ги има општината поради недонесувањето на буџетот.