Крстевски беше избран со 9 гласа „за“, со поддршка од советниците на советничката група на СДСМ
Со 9 гласа „за“, со поддршка на советниците од советничката група на СДСМ, независниот кандидат Венко Крстевски е избран за в.д. градоначалник на Кочани.

Кандидатот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Гоце Марков, освои 8 гласа.
Советничката на Левица беше воздржана.
„Ќе бидам мост меѓу народот и институциите, Кочани да биде поубаво место на живеење, да се издигнеме од оваа апатија. Фокусот ќе ми биде на младите“,
порача Крстевски по гласањето.
Претходно седницата за избор на в.д. градоначалник помина во тензична атмосфера, а советничката Кристина Атанасова од ВМРО-ДПМНЕ, чиешто дете е меѓу повредените во пожарот и сè уште се лекува во болница, низ солзи од говорницата поднесе оставка од местото член на Советот.
Општина Кочани остана без градоначалник откако Љупчо Папазов заврши во притвор како осомничен за трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“, а во кој животот го загубија 61 лице.