Хајрулахи беше суспендиран од функцијата и од позицијата шеф на скопското Вишо јавно обвинителство откако Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт против него за пет кривични дела – малтретирање во вршење на службата и едно за злоупотреба на службената положба и овластување
Тој тогаш категорично ги отфрли сите обвинувања тврдејќи дека случајот е тенденциозен и политички монтиран поради неговото постапување во врска со предметот познат како „Бонусите во СЈО“
Советот на јавни обвинители на денешната седница констатира престанок на функцијата јавен обвинител на Мустафа Хајрулахи, поранешниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје.

Бидејќи самиот Хајрулахи побарал да му престане функцијата, членовите на Советот денеска само го констатираа нејзиниот престанок, без никаква претходна дискусија или гласање.
Инаку, Хајрулахи беше суспендиран од функцијата и од позицијата шеф на скопското Вишо јавно обвинителство откако Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт против него за пет кривични дела малтретирање во вршење на службата и едно за злоупотреба на службената положба и овластување.
Обвинението се темели на наодите од истрагата дека Хајрулахи во периодот од септември 2023 до октомври 2024 година ја користел хиерархиската надреденост за континуирано психичко насилство и закани врз пет вработени жени, при што, според Обвинителството, им се заканувал дека „ќе ги дигне на клоци“ или „ќе ги фрли од шести кат“ и се обидувал да ги принуди да потпишат изјави дека биле изманипулирани.
Не можејќи да ги поднесат заканите и психичкото насилство со понижувачко постапување од обвинетиот, оштетените се обратиле писмено до Јавното обвинителство на РСМ, до Советот на јавните обвинители на РСМ и до Основното јавно обвинителство Скопје, со барање за преземање итни мерки во врска со неговото однесување, но и за нивна заштита.
„Покрај тоа, им се заканувал дека ќе им поднесе тужби за клевета со барање за отштета од 100 000 евра, велејќи им дека тој може да влијае на судии и адвокати, дека имаат деца на кои треба да мислат и дека ќе ги изгубат работните места“,
наведоа од Јавното обвинителство пред точно три месеци, односно на 9 септември, кога беше поднесено обвинението против него.
Покрај ова обвинение, тогаш беше поднесен и обвинителен предлог според кој Хајрулахи и неговиот колега Јован Цветановски, исто така, јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, се товарат дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување.
Имено, Обвинителството ги товари дека спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства, примените писма, кои по отворањето му биле предавани од страна на овластениот јавнообвинителски службеник за прием, првообвинетиот Хајрулахи ги задржувал и барал да не бидат заведени истиот ден или редоследно, туку да бидат заведени неколку дена подоцна и под различен датум од приемниот.
Истовремено, барал од службениците тие предмети директно и без многу врева да му бидат доделувани на второобвинетиот Цветановски.
Хајрулахи во изјава за МИА тогаш категорично ги отфрли сите обвинувања, тврдејќи дека случајот е тенденциозен и политички монтиран со цел негово отстранување, поврзувајќи ја постапката со неговото постапување во врска со бонусите на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Тој тогаш изјави дека обвинението е конструкција на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој, според Хајрулахи, заедно со јавната обвинителка Фатиме Фетаи, петтемина вработени во Вишото јавно обвинителство и јавниот обвинител Гаврил Бубевски, на тој начин сакаат да ги заштитат обвинетите во предметот во јавноста познат како „Бонусите во СЈО“.
Претходно Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во јуни годинава донесе одлука дека Хајрулахи и Цветановски сториле тешки дисциплински повреди од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки.
