Постапката, доколку биде отворена, треба ја спроведува комисија од тројца членови, која ја формира Советот на јавните обвинители, согласно Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители кој беше донесен лани во ноември. Како што е пропишано во членот 5, комисијата може да прибира податоци и информации за утврдување на околностите
Од Владата во изјава за Дојче веле рекле дека премиерот Христијан Мицкоски не ја спомнал Ленче Ристоска со име и презиме и оти е чудно како таа се пропознала во интервјуто
Советот на јавните обвинители го добил известувањето на обвинителката Ленче Ристоска во кое таа укажува на јавно искажаните наводи на премиерот Христијан Мицкоски во интервју за порталот Вечер.мк, во кое тој ја нарекува медиокритет и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за клиентелистичко-политичка матрица.

Ристоска реагираше дека со ваквите изјави се врши притисок и се нарушува нејзината самостојност во јавнообивинителската работа. Наводите на премиерот таа ги оцени како навреди и неосновани професионални дискфалификации, поради што побара од него јавно да ѝ се извини.
Барањето за јавно извинување и повлекување на спорните наводи таа писмено го доставила до премиерот, а истовремено достави и писмено известување до Советот на јавните обвинители, во кое укажува дека со ваквиот јавен говор од премиерот се нарушува нејзината самостојност како јавен обвинител.
Од Владата во изјава за Дојче веле рекле дека премиерот Христијан Мицкоски, во интервјуто не ја спомнал Ленче Ристоска со име и презиме.
„Тој говореше за медиокритети, и чудно е како Ленче Ристоска се препозна во тоа интервју“,
велат од Владата во писмен одговор на прашањето дали премиерот ќе ѝ се извини на обвинителката.
Претседателот на Советот на јавните обвинители Башким Бесими во разговор за дел од медумите потврдил дека денеска го примиле известувањето од обвинителката Ристоска и дека во наредниот период ќе одлучуваат дали тоа има основа. Доколку утврдат дека укажувањата на обвинителката во однос на изјавите на премиерот се основани и решат да отворат постапка, таа би се водела според Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители.
Правилникот беше донесен во ноември минатата година и според алинејата 3 од членот 1 во него, доколку се утврди дека во одреден настан се исполнети законските елементи од битие на кривично дело, за него се поведува постапка пред надлежно јавно обвинителство.

Постапката ја спроведува Комисија од тројца членови која ја формира Советот и, како што е пропишано во членот 5, може да прибира податоци и информации за утврдување на околностите.
Според истиот член, Комисијата може да го повика јавниот обвинител кој го поднел известувањето за дополнително да ги разјасни наводите, а може да побара и од лицето за кое се смета дека ја нарушило самостојноста во постапувањето на јавниот обвинител, писмено или усно да се произнесе.
„По разјаснувањето на околностите, Комисијата изготвува записник во писмена форма кој Советот го разгледува и по истиот одлучува на седница“,
се вели во алинеја четири од членот 5 на Правилникот.

Во врска со предметот Советот може да донесе заклучок со кој се утврдува дека постои или не постои нарушување на самостојноста во извршувањето на јавнообвинителската функција.
Доколку се утврди надворешно нарушување на самостојноста, членот 9 од Правилникот му налага на Советот заклучокот да го објави јавно, преку соопштение или прес-конференција.
Дополнително, во алинејата 2 од истиот член е пропишано дека доколку нарушувањето е сторено од носител на јавна функција, заклучокот со препораките се доставува до претставниците на извршната или законодавната власт или до органите на државната управа.

За појаснување, во Правилникот се прави дистинкција помеѓу внатрешно и надворешно нарушување на самостојноста на јавнообвинителската функција, а во случајот обвинителката Ленче Ристоска укажува на второто.
„Надворешно нарушување на самостојноста претставува секое постапување на лица надвор од јавното обвинителство и Советот на јавните обвинители со кое се загрозува професионалниот интегритет на јавните обвинители и може да се оцени како нарушување на самостојно, одговорно, законито, непристрасно и објективно извршување на јавнообвинителската функција“,
се наведува во членот 3 од Правилникот.

За потсетување, обвинителката Ленче Ристоска е дел од скопското Основно јавно обвинителство. Таа е јавна обвинителка за врски со Европравда и беше дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Ристоска пред Основниот кривичен суд Скопје сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице за нејзино незаконско финансирање, за што се бара и конфискација на партиското седиште.
Постапувањето во предметите поврзани со партијата ВМРО-ДПМНЕ таа го наведе и во својата реакција на изјавите на премиерот нагласувајќи дека поради овие околности нив ги доживува како несоодветен притисок врз нејзината работа.
„Нагласувам дека во моменталните околности, претседателот на Владата е и претседател и законски застапник на политичката партија која е опфатена во кривични постапки во кои јас постапувам како јавен обвинител, и има јасен правен интерес од нивниот исход. Поради тоа, овие изјави ги доживувам како несоодветен притисок врз мојата работа и обид да се влијае врз моето постапување и одлучување“,
вели Ристоска.
Инаку, наводите за кои реагира таа премиерот Мицкоски ги изнесе во интервјуто за порталот Вечер.мк одговарајќи на прашања поврзани со корпусот закони за правосудството. Мицкоски не ја спомнува со име обвинителката, но од содржината на изјавата е јасно дека станува збор за неа.
„Недостасуваат измените на Кривичниот законик бидејќи некој претходно направил авантура (зборувам за измените на претходната влада) и добро, поднесовме измени до Собранието на Кривичниот Законик. Веднаш излегоа поединци, и тоа најгласен коментатор беше еден поранешен припадник на поранешното СЈО, кој вели дека со овие нови измени се намалувале казните (а претходно немаше никакви казни, ама тогаш не ги слушнавме кога оние ги бришеа комплетно од КЗ) и овозможувале да се досудат, внимавајте, значи тие веќе ги осудија луѓево – да се досудат условни казни. Замислете каква им е матрицата на размислување. Пазете, обвинител коментира веќе досудена работа. Бидејќи обвинителот и адвокатот се две спротивставени странки во процесот“,
вели премиерот во интервјуто.
На констатацијата на новинарката дека станува збор за клиентелистичко-политичка матрица, Мицкоски вели:
„Да, и сега јас ја слушам и просто не можам да верувам со каков тип медиокритети ние имаме работа. Но, во ред, тоа е тоа. Ние велиме вака, ајде сега да направиме компаративна анализа, бидејќи секогаш им велам на соработниците – пред да донесеме одлука, дајте да имаме аргументи на што ќе ја темелиме таа одлука и да направиме една компаративна анализа. И направивме компаративна анализа со земји членки на ЕУ – Хрватска, Словенија, Германија, Италија, Франција, мислам дека од земји кои не се членки на ЕУ беа Србија и Швајцарија, и направивме поширок опфат и донесовме одлука која можеме да ја браниме со аргументи.“

Ристоска се најде во отворен судир со ВМРО-ДПМНЕ кон средината на октомври минатата година. Тогаш таа остро реагираше на соопштение на партијата насловено „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“ и почнуваше со „каков крај“, а се однесуваше на изјавата на Ристоска во врска со отворањето нов оглас за избор на судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
Таа и тогаш ги оцени обвинувањата од владејачката партија како притисок врз нејзината работа и побара јавно извинување, а се закани и со тужба доколку ВМРО-ДПМНЕ ги повлече изнесените тврдења.
Соопштението во кое ВМРО-ДПМНЕ ја нарекува Ристоска „ѕвезда на пропаднатото СЈО“ беше објавено по нејзината изјава дека не е случајно тоа што листата со тројца кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, на која беше и нејзиното име, е поништена. Таа реагираше и на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека платата на претставникот на земјава во Европравда била висока.
Ристоска ги доведе во корелација тврдењата на премиерот за нејзината плата со неиспраќањето на првата листа во Стразбур и со, како што вели, клеветничките кампањи од одредени провладини медиуми.
