На седницата Советот ги разгледа кандидатурите на Фатиме Фетаи, Владимир Милошевски, Артај Ајро и Јасмина Костеска-Здравеска. Не се разгледа кандидатурата на петтиот кандидат Александар Марковски оти веќе беше избран за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК)
Советот на јавни обвинители (СЈОРМ) на денешната 40. седница не донесе одлука за избор на нов шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, бидејќи ниту еден од петтемина пријавени кандидати не го доби потребното мнозинство.

На седницата Советот ги разгледа кандидатурите на Фатиме Фетаи, Владимир Милошевски, Артај Ајро и Јасмина Костеска-Здравеска. Не се разгледа кандидатурата на петтиот кандидат Александар Марковски оти веќе беше избран за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
На почетокот на седницата, претседателот на Советот, Башким Селими, информира дека на огласот за избор на нов шеф на Вишото јавно обвинителство се пријавиле седум кандидати, од кои двајца, како Џелал Бајрами и Трајче Пеливанов ги повлекле кандидатурите.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески рече дека останува на ставот да им се даде шанса на сите за напредок и посочи дека ќе гласа за Јасмина Костеска-Здравеска.
„Обвинител со интегритет и има вештини и како личност и е препознаена во фелата како позитивна и добронамерна, што се важни карактеристики за една менаџерска функција“,
рече Савески.
Марјана Илиеска, заменик-претседателка на Советот, рече дека се согласува со ставот на Савески додавајќи дека тоа и со потврдило и од интервјуата со кандидатите.
Ермон Незири, член на Советот, пак, гласаше за обвинителката Фатиме Фетаи, потенцирајќи дека таа е кандидатка со најмногу искуство и најсоодветна за функцијата.
Советот на јавни обвинители на 12 декември минатата година ја определи обвинителката Наташа Крстевска-Цалева за в.д. виша јавна обвинителка на Вишото јавно обвинителство Скопје.
На чело на ова Обвинителство таа ќе биде до изборот на нов шеф на ова обвинителство, но не подолго од шест месеци.
Ова следуваше откако Советот на јавни обвинители на 9 декември констатираше престанок на функцијата јавен обвинител на Мустафа Хајрулахи, поранешниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, на негово барање.
Хајрулахи претходно беше суспендиран од функцијата и од позицијата шеф на Вишото јавно обвинителство откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип поднесе обвинителен акт против него за пет кривични дела малтретирање во вршење на службата и едно за злоупотреба на службената положба и овластување.
Обвинителката Наташа Крстевска-Цалева во февруари минатата година беше определена да ја извршува функцијата виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје додека траеше суспензијата на Мустафа Хајрулахи.
