По однос на оваа точка, Советот одржа седница минатиот четврток, но ја одложи за денеска поради отсуство на членката на ова тело, Јелена Догазанска-Колева
Советот на јавни обвинители денеска треба да одреди вршител на должноста државен јавен обвинител откако досегашниот Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка. По однос на оваа точка, Советот одржа седница минатиот четврток, но ја одложи за денеска поради отсуство на членката на ова тело, Јелена Догазанска-Колева.

Според Законот за Јавното обвинителство, вршителот на функцијата треба биде определен од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Тој што ќе биде определен, функцијата ќе ја врши до изборот на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.
Доскорешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски минатата недела на прес-конференција соопшти дека поднел неотповиклива оставка од функцијата. Тој за ваквата одлука информира во очи собраниската седница на која требаше да се разгледува предлогот на Владата за негово разрешување од функцијата.
До расправа во Собранието воопшто не дојде бидејќи, како што информира претседателот на Собранието, Африм Гаши, разгледувањето на оваа точка станува беспредметно, имајќи ја предвид поднесената оставка на Коцевски. Во таа насока тој само ја констатира оставката на Коцевски.
