Граѓаните кои нема да ја почитуваат одлуката ќе се соочат со парична казна од 50 евра
Целта на одлуката, како што соопштија службите на Градот Скопје, е да се воведе правна рамка со која ќе му се помогне на ЈП „Комунална хигиена“ при собирањето на сметот
Советот на Град Скопје на денешната седница изгласа одлука со која се забранува фрлање на комунален отпад во контејнерите во период од 22 часот навечер до 6 часот изутрина. Граѓаните кои нема да ја почитуваат одлуката ќе се соочат со парична казна од 50 евра. Првите неколку месеци ќе важат само опомени.

Целта на одлуката, според она што го соопштија службите на Градот Скопје на денешната седница, е да се воведе правна рамка со која ќе му се помогне на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ при собирањето на сметот. Велат дека мерката можеби не е идеална, но дека нејзиното спроведување ќе биде следено преку комуналното претпријатие и инспекциските служби, а ако се покаже за несоодветна ќе биде коригирана.
„Ако се погледне компаративно во сите поголеми градови, времето за фрлање на смет е лимитирано. Нашето претпријатие има динамика на собирање на смет, а таа динамика завршува во 22 часот, кога садовите се празнат. Доколку по 22 часот се полнат садовите нормално дека цела вечер и целиот нареден ден корпите или садовите за отпад ќе бидат полни бидејќи не се празнат преку целиот ден. Не може кога постои голема гужва или динамика во градот да се чисти и да се собира смет. Определен е временски термин за собирање на сметот“,
велат од Градот.
На одлуката силно се спротиставија советниците на Левица, оценувајќи ја за скандалозна.
„Не може вината за нефункционалноста на комуналното претпријатие да ја префрлате врз граѓаните. Комуналното претпријатие треба да си ја извршува својата дејност редовно, а граѓаните во никој случај не смеат да бидат ограничени кога можат да фрлаат ѓубре. Тоа не само што се коси со Уставот и со законите, туку е невиден скандал“,
изјави советничката Катерина Јовановска од Левица.
Со денешната одлука на Советот се врши измена и дополнување на Одлуката за комунален ред во Градот Скопје.
