Декларацијата е на предлог на советничката група на СДСМ, а беше едногласно поддржана од другите советници, вклучително и од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ
Советот на Град Скопје на денешната седница едногласно усвои декларација со која се осудува секаков вид насилство врз институцијата градоначалник, но и насилство врз жените. Ова следува откако скопската градоначалничка Данела Арсовска минатата недела беше нападната за време на увид на дивоградба во Чаир.

Декларацијата е на предлог на советничката група на СДСМ, а пред советниците и пред јавноста ја прочита координаторката Љубица Јанчева.
„Свесни за важноста на владеењето на правото, принципите на демократијата и почитувањето на инситуциите, ја осудуваме секоја форма на насилство насочено кон институцијата градоначалник на Град Скопје и кон личноста што ја извршува оваа функција без разлика на нејзиниот пол, а особено насилството кон градоначалникот како жена, што е двоен напад – врз институцијата и врз достоинството и безбедноста на жените во јавниот живот“,
се наведува во дел од декларацијата која ја прочита Јанчев.
Во документот се осудува и секое непочитување на законските процедури и механизми утврдени заради обезбедување ред, правда и безбедност на сите граѓани и функционери и се повикуваат надлежните органи да постапат согласно своите законски ингеренции и да ги истражат сите случаи на насислтво, закани или притисоци насочени кон институцијата градоначалник на Град Скопје и кон градоначалникот како жена.
„Да утврдат факти и да обезбедат целосна заштита, органите да постапуваат согласно наодите од своите истраги, да преземаат соодветни мерки за спречување на насилството и криминалот и да обезбедат санкции за сите што ги прекршуваат законите и не ги почитуваат процедурите и институциите“,
се додава во декларацијата.
По Јанчева, од говорницата се обрати координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, кој во име на советниците од својата партија осуди секаков вид на насилство, закани и притисоци.
„Било кое такво однесување на било кој поединец е неприфатливо и е надвор од самиот здрав разум. Затоа, како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ бараме институциите да го расветлат овој случај сè до конечно дознавање на вистината и утврдување на сите факти кои го разбранија овој случај“,
рече Стојановски.
Следуваше гласање на кое, советниците едогласно ја усвоија декларацијата, без ниеден глас „против“ или „воздржан“.
Градоначалничката на Град Скопје минатата недела објави дека таа и нејзините соработници биле физички и вербално нападнати за време на увид на дивоградба во скопски Чаир.