Според Договорот за Европската Унија, секоја земја при приемот во ЕУ се обврзува да го прифати еврото, но нема утврден временски рок за тоа. Исклучок од ова правило е Данска, која со договорот за пристапување кон ЕУ побара да биде изземена од обврската за воведување на еврото

Советот на ЕУ денеска ги усвои трите правни акти врз основа на кои Бугарија од 1 јануари 2026 година ќе може да го замени левот со еврото, со што практично заврши процесот за пристапување на земјата кон еврозоната.
„Од денеска Бугарија го зазема своето место како 21. членка на еврозоната. Ова означува кулминација на темелниот процес за пристапувањето на Бугарија, кој опфаќа ригорозна анализа и интензивна подготовка“,
изјави данската министерка за економски прашања Стефани Лозе по повод одлуката на Советот.
Со еден од трите денеска усвоени акти, курсот за конверзија на бугарскиот лев во евра се утврдува на 1,95583 лева за 1 евро, колку што изнесува и моменталниот среден курс на левот според Европскиот механизам на девизен курс (ЕРМ 2).
Одлуката на Советот на ЕУ следи откако претходно денеска Европскиот парламент со 531 глас „за“, 69 „против“ и 79 „воздржани“ го одобри Извештајот за прием на Бугарија во еврозоната од 1 јануари 2026 година.
Европската комисија на 4 јуни објави извештај за подготвеноста на Бугарија за воведување на заедничката европска валута, во кој оцени дека земјата ги исполнува условите за приклучување кон еврозоната од следната година. По ова лидерите на земјите членки на Унијата на Самитот на 26 јуни го поздравија Извештајот на ЕК и му препорачаа на Советот на ЕУ да го одобри предлогот.
Според Договорот за Европската Унија, секоја земја при приемот во ЕУ се обврзува да го прифати еврото, но нема утврден временски рок за тоа. Исклучок од ова правило е Данска, која со договорот за пристапување кон ЕУ побара да биде изземена од обврската за воведување на еврото.
За да се приклучи кон еврозоната, секоја земја мора да ги исполни Мастришките критериуми, кои предвидуваат ниска инфлација, буџетски дефицит на ниво под три отсто од БДП, јавен долг од под 60 проценти од БДП, најмалку двегодишно учество во ЕРМ 2, како и просечната номинална долгорочна каматна стапка да биде повисока за најмногу два процентни поени од просечните камати во трите земји на ЕУ со најниска инфлација.
Бугарија, која стана членка на ЕУ на 1 јануари 2007 година, на 10 јули 2020 година се приклучи кон механизмот ЕРМ 2, кој колоквијално се нарекува чекална за еврозоната, од кога курсот на бугарскиот лев е врзан за еврото.
Софија првично планираше Бугарија да се приклучи кон еврозоната на 1 јануари 2024 година, но оваа цел не беше остварена поради високата инфлација, чиј раст се припишуваше на ковид-пандемијата и руската инвазија врз Украина, но и поради политичката нестабилност во земјата со неможноста за формирање стабилна влада.
Покрај Бугарија и Данска, членки на еврозоната меѓу државите од ЕУ не се ни Полска, Романија, Унгарија, Чешка и Шведска.