Два дипломатски извори нагласиле дека сојузниците биле информирани за состанокот и дека Бон разговарал со Јуриј Ушаков, висок помошник на рускиот претседател Владимир Путин
Највисокиот дипломатски советник на францускиот претседател Емануел Макрон вчера бил во Москва на разговори со руски претставници, потврдиле дипломатски извори.

Првиот извор рекол дека Емануел Бон, дипломат на Макрон од 2019 година, се сретнал со претставници на Кремљ. Тој не дал дополнителни детали, освен што рекол дека целта била да се води дијалог за клучни прашања, од кои најважно е Украина.
Француското претседателство ниту ги потврди ниту ги негираше разговорите.
„Како што рече претседателот, разговорите се водат на техничко ниво со целосна транспарентност и во консултација со украинскиот претседател Володимир Зеленски и клучните европски колеги“,
се вели во соопштението.
Два дипломатски извори нагласиле дека сојузниците биле информирани за состанокот и дека Бон разговарал со Јуриј Ушаков, висок помошник на рускиот претседател Владимир Путин.
Макрон во декември изјави дека Европејците ќе мора повторно да се вклучат во директни разговори со Путин доколку најновите напори предводени од САД за посредување во мировен договор за Украина не успеат.
Европските лидери, претпазливи поради воените амбиции на Путин, се лути што се исклучени од мировните преговори предводени од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Макрон вчера им изјави на новинарите дека се во тек напори за повторно започнување на дијалогот со Путин.
„Важно е Европејците да ги обноват своите канали за комуникација“,
рече тој додавајќи дека ова се прави во консултација со Украина.
