Од Министерството соопштија дека пожарот зафатил надворешен дел од дворот на болницата обраснат со сува трева и е успешно локализиран. Не е причинета друга материјална штета врз болничките објекти и нема повредени
Министерството за здравство информира дека ситуацијата со пожарот кој започна во скопската населба Геге, а се прошири кон Бардовци, зафаќајќи дел од дворот на Психијатриската болница „Скопје“, е целосно ставена под контрола и нема причина за загриженост.

Оттаму соопштија дека пожарот зафатил надворешен дел од дворот на болницата обраснат со сува трева и е успешно локализиран. Не е причинета друга материјална штета врз болничките објекти и нема повредени.
„Од безбедносни причини, во краток временски период беше спроведена превентивна евакуација на дел од пациентите и вработените. Навремената и координирана интервенција на надлежните служби спречи проширување на пожарот кон болничките објекти“,
наведуваат од Министерството за здравство.
На фејсбук-профилот на болницата доцна синоќа е објавено дека веднаш по гасењето на пожарот, во и пред болничките објекти дел од персоналот стражари и ја следи ситуацијата.
„Како раководител на оваа установа, сакам од срце да му се заблагодарам на целиот персонал за посветеноста, професионализмот и солидарноста што ја покажаа денес. Нашата болница секогаш останува во служба на граѓаните, во секоја ситуација“,
пишува директорот на болницата Хиса Авдулаи во објавата на Фејсбук.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) синоќа соопшти дека пожарот е ставен под контрола.