„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е некако подобра. Верувам во него… Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и нишно не е сигурно, но подобро е, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, објави српскиот претседател кој патува во официјална посета на Казахстан
Состојбата на вицепремиерот на Србија и претседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, кој од вчера е хоспитализиран поради тешка пневмонија, е „нешто подобра“, соопшти претседателот на земјата, Александар Вучиќ, кој утрово го посетил вицепремиерот во болницата во Белград.

За состојбата на Дачиќ, српскиот претседател извести преку објава на својот профил на Истаграм, споделена од авионот со кој патува кон Казахстан, каде што ќе престојува во официјална посета.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е некако подобра. Верувам во него, а сега насоката е Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“,
рече Вучиќ во видеообраќањето.
Тој додава дека закрепнувањето на вицепремиерот Дачиќ е во тек, иако претпазливоста на лекарите останува, пренесе РТС.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и нишно не е сигурно, но подобро е, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“,
додава српскиот претседател во објавата.
Вучиќ со членови на владата го посети вицепремиерот на Србија и синоќа откако вчера околу 16:30 часот Дачиќ бил хоспитализиран на Клиниката за пулмологија во Клиничкиот центар на Србија, наведувајќи дека се наоѓа во тешка состојба.
За состојбата на Дачиќ синоќа во изјава за Танјуг информира и помошник-директорот на Клиниката за пулмологија, Спасоје Попевиќ, кој рече дека вицепремиерот има тешка пневмонија и оти е приклучен на механичка вентилација.
Докторот Попевиќ наведе дека на Дачиќ му се дадени сета потреба терапија и лекови, а со механичката вентилација, како што кажа, се купува времето што е потребно за лекарствата да почнат да дејствуваат.
„Се бориме за неговиот живот“,
изјави Попевиќ.

Тој додаде дека е прерано да се даваат прогнози, но посочи дека лекарскиот тим се обидува и донекаде успева да ја стабилизира состојбата на вицепремиерот во српската влада.
„Следните неколку дена ќе ни дадат одговори за тоа како ќе продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент“,
кажа помошник-директорот на Клиниката за пулмологија во Белград.
