На првиот состанок на Оперативното тело за развој на концептот за едно општество и интеркултурализами е заклучено дека има голем исчекор во делот на социјалната кохезија, за што голем удел има и Оперативниот план за „правична застапеност“ при вработувањата во приватниот сектор
Огромна е важноста од модификација и прилагодување на образовниот систем и стимулирање на принципот на изучување на јазиците на другите заедници, што би требало да се стимулираа со стипендии, како важен фактор во градењето на интеркултурализмот.
Тоа е еден од заклучоците од првиот состанок на Оперативното тело за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, на кој биле презентирани постигнатите резултати и се разгледани состојбите и предизвиците во спроведувањето на Националната стратегија за развој на концептот едно општество за сите и на интеркултурализмот (2020-2022 година).
Нагласена е и важноста на родовата еднаквост при вработувањето, особено во помалите етнички заедници и што поголема вклученост на младите, како што се посочува, не само како советодавен, туку и како имплементирачки фактор во креирањето на политики.
Заменик-претседателот на Оперативното тело, министерот за правда Бојан Маричиќ. истакна дека ова Оперативно тело, како сложено меѓуресорско тело составено од 17 члена – претставници на државни институции и експерти, е резултат на исклучително важен ангажман во рамки на Националната стратегијата едно општество. Во него членуваат првиот вицепремиер Артан Груби, кој е претседател на Оперативното тело, како и министрите за образование и наука, Мила Царовска, за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, за култура Ирена Стефоска, за локална самоуправа Горан Милевски и Народниот правобранител Насер Зибери.
Националниот координатор за интеркултурализам Роберт Алаѓозовски истакна дека, и покрај ковид-кризата во рамки на развојот на концептот едно општество има повеќе почнати и завршени работи.
„Во иднина ќе ги интензивираме средбите. Моја најголема радост е што сме сведоци на сѐ поголема свесност за вредностите на концептот во институциите, кои веќе се чувствуваат обврзани да внимаваат на овие придобивки. Се обврзуваме да работиме и на видливоста на овие резултати што ги постигнавме“,
подвлече Алаѓозовски.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, истакна дека има голем исчекор по прашање на социјалната кохезија, за што голем удел има и Оперативниот план за вработување во приватниот сектор, кој се темели врз принципот на инклузивност и диверзитет, што подразбира поголем удел на помалку застапените групи и етничка застапеност при вработувањата, како и принципот на рамномерен регионален развој преку кој се работи на мотивација и стимулација на инвеститорите во помалите региони.