Според министерот Филипче, иако се зголемува бројот на новозаразени и факторот на преносливост, не се потребни нови рестриктивни мерки, туку доволно е да се почитуваат протоколите и да се зголеми процентот на вакцинација
Комисијата за заразни болести денеска треба да одржи состанок, на кој, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе бидат разгледани предлозити согледувања во однос на состојбата со ковид-19 во државава.
„Епидемиолошката состојба во земјава бележи зголемување на новодијагностицирани со ковид-19 почнувајќи во периодот од пред две недели. Анализите покажуваат дека процентот на новодијагностицирани случаи и минатата во однос на претходната недела е зголемен за 25 проценти. Расте и Р0 факторот на преносливост од 1,05 на 1,14, што е јасен индикатор дека сега ќе има промена на релативно стабилната епидемиолошка состојба што ја имавме во претходниот долг временски период“,
рече Филипче, на прес-конференција пред неколку дена.
Според него, нови рестриктивни мерки не се потребни, доволно е да се почитуваат протоколите и да се зголеми процентот на вакцинација.
Еден од главните критериуми за евентуално воведување нови мерки, посочи, ќе биде ризикот во болничките капацитети кој засега не е евидентиран. Клучен, рече, опфатот на вакцинацијата и почитувањето на превентивните мерки и протоколи.
Заклучно со 9 ноември, како што информира Министерството за здравство, вкупно се вакцинирани 811 226 граѓани, ревакцинирани се 782 460, а трета доза примиле 48 087 граѓани. Педесет и четири отсто од граѓаните над 40 години се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 37 отсто примила две дози вакцина.
Според последните податоци, во изминатото деноноќие регистрирани се нови 432 случаи на ковид-19 од 2 663 тестирања. Починати се 13 пациенти и уште пет со датум на смрт од 4 до 9 ноември.