Тој е осомничен дека без да поднесе барање и да добие одобрение за пренамена на објектот од надлежен орган, заеднички и во договор со неформалниот сопственик на правното лице во повеќе наврати од 2012 година до март 2025 година преземал градежни активности со кои извршил и учествувал во незаконска пренамена на објектот
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани ја прошири истрагата за трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Со проширената истрага опфатен е сопственикот на објектот во кој со години функционирало т.н. кабаре и го издавал под закуп на еден од претходно осомничените.

„Од дејствијата преземени во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека осомничениот, како сопственик на недвижниот имот – објект во кој со години функционирала дискотеката, го издавал под закуп на еден од претходно осомничените“,
велат од Обвинителството.
Тој е осомничен дека без да поднесе барање и да добие одобрение за пренамена на објектот од надлежен орган, заеднички и во договор со неформалниот сопственик на правното лице, во повеќе наврати од 2012 година до март 2025 година преземал градежни активности со кои извршил и учествувал во незаконска пренамена на објектот.
Од намена Г3 – сервиси и сообраќајна инфраструктура, објектот незаконски го пренаменил во Б3 – големи угостителски единици, на тој начин овозможувајќи незаконски да се врши угостителска дејност.
Осомничен е дека како соизвршител сторил тешки дела против општата сигурност.
Јавното обвинителство против него достави предлог за определување мерки за претпазливост.