Како што информираат од ОЈО Скопје, во релативно деталното соопштение за вчерашниот претрес во домот на сопственикот на „Доказ“, предметот против него бил оформен откако во текот на минатата и почетокот на оваа година повеќе жртви поднеле кривични пријави во врска со објавени содржини на неговиот веб-портал
„При претресот, кај него беа откриени документација, електронски уреди кои ќе бидат предмет на вештачење, како и поголема сума парични средства за кои постои сомнение дека потекнуваат од други кривични дела“, се наведува во соопштението на Основното јавно обвинителство Скопје.
Основното јавно обвинителство Скопје утрово официјално соопшти дека синоќа врз основа на наредба од судија на претходна постапка бил извршен претрес во домот на лице против кое Обвинителството води постапка за повеќе кривични дела, односно ширење на расистички и ксенофобичен материјал, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

Иако во соопштението на ОЈО Скопје не е наведен идентитетот на осомничениот, ниту се посочени негови иницијали, повеќе медиуми вчера објавија дека станува збор за Марјан Стаменковски, сопственик на веб-порталот „Доказ“.
Дека синоќа бил извршен претрес во домот на М. С., утрово за „360 степени“ потврдија и од Министерството за внатрешни работи.
„По барање на Основното јавно обвинителство Скопје, врз основа на наредба од судија на претходна постапка, синоќа беше извршен претрес во домот каде што престојува едно осомничено лице, како и пребарување на компјутерски систем и компјутерски податоци. Против осомничениот во Основното јавно обвинителство Скопје се води постапка, бидејќи постои основано сомнение дека преку веб-портал во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела: две кривични дела – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл. 394-г. ст. 1 од Кривичниот законик (КЗ), едно кривично дело – Уцена од чл. 259 ст. 1 в. в. чл. 19 од КЗ, едно кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело од чл. 157-б ст. 2 вв ст. 1 од КЗ и кривично дело – Злоупотреба на лични податоци од чл. 149 ст. 1 од КЗ“,
се наведува во соопштението од скопското Основно јавно обвинителство.
Како што информираат оттаму, во релативно деталното соопштение за вчерашниот претрес, предметот бил оформен откако во текот на минатата и почетокот на оваа година повеќе жртви поднеле кривични пријави против осомничениот во врска со објавени содржини на неговиот веб-портал.
Меѓу пријавителите на кривичните дела, како што се наведува во соопштението, се една телевизија, свештеници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), две новинарки и истражители ангажирани во скопското обвинителство.
„Имено, по доставена кривична пријава од една телевизија од 11.02.2022 година, Основното јавно обвинителство Скопје нареди дејствија и проверки, врз основа на кои Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика обезбеди доказен материјал дека осомничениот сторил кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело од чл. 157-б ст. 2 вв ст. 1 од КЗ. Од почетокот на февруари 2022 година, без одобрение на овластениот дистрибутер на кој филмскиот продуцент му го пренел своето право на аудиовизуелно дело, осомничениот на веб-порталот го ставил на располагање на јавноста заштитеното аудиовизуелно дело. Со тоа предизвикал штета за оштетеното правно лице – телевизија, кое согласно Договорот за лиценцирање на телевизиска програма имало ексклузивни авторски права да ја емитува содржината“,
посочуваат од ОЈО Скопје.

На 18 мај минатата година двајца свештеници на МПЦ-ОА во Обвинителството поднеле кривична пријава против осомничениот поради ширење на расистички ксенофобичен материјал. Кривичната пријава, како што информираат од ОЈО Скопје, била поднесена бидејќи осомничениот преку веб-порталот објавил серија текстови во кои се шири омраза и нетрпеливост кон свештениците.
„Во објавените текстови, осомничениот изнел директни тврдења дека споменатите свештеници биле поврзани со домашни и странски тајни служби, со цел да се предизвика револт и омраза кон нив. Освен навредливи зборови, пцовки и клевети, во текстовите се упатуваат и заканувачки зборови со кои се поттикнува народот да дојде да ги избрка свештениците од манастирот во кој служат. Текстовите, осомничениот ги споделувал и на својот профил на една социјална мрежа каде што поттикнал жестоки полемики, навредувачки коментари и говор на омраза поради верски убедувања“,
се наведува во опширното соопштение на скопското обвинителство.
Еден ден подоцна, односно на 19 мај 2022 година, до Основното јавно обвинителство Скопје кривична пријава поднеле две новинарки. Тие пријавиле дека на веб-порталот од почетокот на 2022 година се објавуваат навредливи текстови со нивни фотографии, а чија крајна цел е тие да се заплашат и да се спречат да објавуваат текстови во неделникот во кој работат.
„Во текот на постапката, жртвите дадоа свои искази пред надлежниот јавен обвинител во кои ги поткрепија своите сомненија дека позадината на објавите на веб-порталот е да им се изврши притисок и цензура. Со осуда на таквите објави на веб-порталот во наведениот период излегоа и ОБСЕ и Здружението на новинари. Дополнително, во телефонски разговор со сопругот на една од новинарките осомничениот упатил и директни закани кон неа и нејзиното семејство. Со обезбедените докази во текот на постапката беше потврдено основаното сомнение за кривичното дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл. 394-г. ст. 1 од КЗ“,
се вели во соопштението.
На почетокот на оваа година пријава против осомничениот до ОЈО Скопје поднело уште едно лице за кривично дело уцена. Оштетениот, како што информираат од Обвинителството, на 10 јануари и 2 февруари годинава пријавил дека осомничениот со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест и се обидел да го присили оштетениот да стори нешто на штета на својот имот.
„Преку социјална мрежа осомничениот го контактирал оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб-порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него. Откако оштетениот одбил средба, на интернет-порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои осомничениот наштетил на угледот и честа на оштетениот. Во однос на овој настан, надлежен јавен обвинител исто така презеде дејствија за документирање на пријавените наводи и за обезбедување електронски докази со кои се потврдува основано сомневање за кривично дело – Уцена од чл. 259 ст. 1 в.в. чл. 19 од КЗ“,
информираат од ОЈО Скопје.
Во меѓувреме, како што наведуваат од ОЈО Скопје додека се водела постапката против него, осомничениот искористил лично познанство со истражителка во скопското обвинителство и преку вибер-комуникација се обидел од неа да дознае информации во врска со истрагите што се водат за повеќе предмети, меѓу кои за оној против него.
„Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, кои поднесоа кривична пријава за – Злоупотреба на лични податоци од чл. 149 ст. 1 од КЗ. Истражителката која споделувала податоци со осомничениот веќе не е ангажирана во Истражниот центар на ОЈО Скопје и за неа ќе биде иницирана постапка пред Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи“,
велат од скопското Обвинителство.
Освен за овие кривични дела, посочуваат од ОЈО Скопје, наредбата за претрес била обезбедена и поради тоа што постоело сомнение дека кај осомничениот можат да бидат пронајдени докази и за други кривични дела.
„При претресот, кај него беа откриени документација, електронски уреди кои ќе бидат предмет на вештачење, како и поголема сума парични средства за кои постои сомнение дека потекнуваат од други кривични дела“,
се наведува во соопштението на Основното јавно обвинителство Скопје.