Во одговор на новинарско прашање министерот за внатрешни работи соопшти дека лицето е задржано во полициска станица под сомнение за сторени три кривични дела – наведување на самоубиство и помагање во самоубиство (од член 128 на Кривичниот законик), нанесување телесни повреди поврзани со семејно насилство (според член 130 став 2 од КЗ) и загрозување на сигурноста, според член 114 став 3 од КЗ
Од местото на настанот биле подигнати материјални траги, мобилен телефон и предмети кои дополнително ќе се вештачат, а Тошковски откри и дека полицијата обезбедила снимка од која се гледа како Јовановски физички ја напаѓа својата сопруга на улица истиот ден
Стојанче Јовановски, лицето кое е задржано во полициска станица по трагичниот настан во скопско Тафталиџе, каде што вчера неговите сопруга и дете беа пронајдени мртви по пад од балкон, и досега ѝ бил познат на полицијата по дела поврзани со насилство и други криминални активности.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на прес-конференција, на која тема беше настанот, соопшти дека против Јовановски, кого министерот го наведе со име и со презиме, во изминатите години скопската полиција поднела вкупно 10 кривични пријави за дела од областа на насилниот криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога.

Во декември, лани, лицето било лишено од слобода откако кај него биле пронајдени 20 пакувања со дрога (марихуана и амфетамин), по што Министерството за внатрешни и работи поднело пријава до обвинителството по брза постапка, за што биле изречени мерки на претпазливост од страна на судот.
Во текот на минатата и на почетокот на оваа година, во Министерството за внатрешни работи, како што наведе Тошковски, биле евидентирани повеќе пријави за нарушени меѓучовечки односи и физички напади помеѓу сопружниците.
„По секоја пријава полицијата постапувала, се преземале мерки согласно закон, кои се целосно документирани, но во сите наврати пријавите биле повлекувани од страна на оштетената, односно истата се откажувала од водење на понатамошни постапки“,
кажа ресорниот министер.
Според него, така било и вчера.
Хронологија и повлечени пријави
Давајќи хронолошки преглед на настаните, што му претходеле на падот од балконот, вчера околу пладне во СВР Скопје биле примена пријава поврзана со расправија помеѓу сопружниците.
Но, кога полициските службеници пристигнале на местото во 12:19 часот, жената изјавила дека немало физички контакт меѓу неа и сопругот и оти се работело за недоразбирање за кое таа нема да бара полициска интервенција.
„На лице место бил извршен разговор со Ивана, при што таа изјавила дека немало физички контакт помеѓу неа и нејзиниот сопруг, дека се работело за недоразбирање кое го решиле по мирен пат и дека нема да бара полициска интервенција, ниту, пак, поведување на било каква постапка и дека истите ќе ги регулира по институционален пат“,
кажа Тошковски.
Околу два часа потоа, таа и нејзината ќерка Катја биле пронајдени мртви по пад од балкон на зграда на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Случајот го пријавил случаен минувач.
Соопштувајќи елементи од постапката на местото на настанот, што веќе и се познати на јавноста, министерот за внатрешни работи кажа дека во детали ќе се испитуваат настаните што му претходеле на падот од балконот. Од местото на настанот биле подигнати материјални траги, мобилен телефон и предмети кои дополнително ќе се вештачат, а Тошковски откри и дека полицијата обезбедила снимка од која се гледа како Јовановски физички ја напаѓа својата сопруга на улица истиот ден.
„Министерството за внатрешни работи има обезбедено видеозапис каде што јасно и недвосмислено се гледа како сторителот, сопругот ја удира жртвата“,
рече Тошковски.
Прашан од новинарите кога се случило тоа, тој кажа оти не може да каже за времето, но рече оти е сигурно дека е во текот на вчерашниот ден.
Тошковски, како и Јавното обвинителство, наведе дека пред падот од балконот влезната врата во станот каде што биле мајката и ќерката била заклучена од внатрешната страна и внатре немало трето лице.
„Сите овие околности, вклучително и временската рамка, комуникацијата помеѓу лица и искази детално се документираат и ќе бидат предмет на понатамошна анализа. По усна наредба на јавен обвинител, лицето Стојанче Јовановски е лишено од слобода поради сомневање за сторено кривично дело. Тој се наоѓа во полициска станица, со него се работи, се врши целосно документирање на случајот и против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по брза постапка“,
рече Тошковски.
Во одговор на новинарско прашање соопшти дека лицето е задржано во полициска станица под сомнение за сторени три кривични дела – наведување на самоубиство и помагање во самоубиство (од член 128 на Кривичниот законик), нанесување телесни повреди поврзани со семејно насилство (според член 130 став 2 од КЗ) и загрозување на сигурноста, според член 114 став 3 од КЗ.
„Тие се кривичните дела врз основа на кои лицето е задржано од страна на полициските службеници“,
кажа министерот.
Измени на КЗ и поголема свест
Одговарајќи на бројните прашања дали можело да се спречи да дојде до трагедијата преку поефикасна интервенција на полицијата и надлежните служби, Тошковски рече дека, според него, треба да почне да се менува свеста не само кај полицијата, центрите за социјални работи и другите надлежни институции, туку и кај граѓаните, во смисла да пријавуваат случаи на семејно насилство, како и кај жртвите – да не се повлекуваат откако претходно ќе пријават дека врз нив се врши ваков тип криминал.

Во тој контекст, Тошковски ги наведе измените на Кривичниот законик, поднесени неодамна од Собранието и стапени во сила, а кои ѝ овозможуваат на полицијата да гони ваквите случаи на семејно насилство по службена должност, а не само по пријава на жртвата, доколку кај неа биде забележана видлива телесна повреда.
„Целта на тие измени беше на Министерството за внатрешни работи по службена должност да постапува во вакви случаи каде имаме констатирана телесна повреда кај жртвите. Морам да напоменам дека ваквите измени на законот во последните недела дена резултираат со три постапки од страна на СВР Скопје и има изречено два притвори и еден мерка за присуство, каде имаме детектирано ваков тип потенцијално сторено кривично дело. Но, очигледно дека не е доволна само измената на законот, треба да го смениме кодот на однесување, не само на полициските службеници, не само на вработените во центрите за социјални работи, туку на секој еден од нас, поради што ги повикувам сите оние македонски граѓани кои ќе бидат сведоци на конкретно семејно насилство, истото да го пријават до МВР“,
рече Тошковски.
Статистика
Тој, во овој контекст, наведе и статистички бројки за бројот на регистрирани случаи на семејно насилство, за кои полицијата постапувала во изминатите две и на почетокот на оваа година.
Во 2024 година, според Тошковски имало 213 кривични пријави на територијата на СВР Скопје, од кои 21 била спроведена, а бил изречен еден притвор. Лани, пак биле поднесени 224 кривични пријави, од кои 54 биле ефектуирани и биле изречени 17 мерки притвор. Од почетокот на оваа година се регистрирани 28 случаи, од кои за 12 е поведена истрага по брза постапка и во пет случаи е изречена мерка притвор.
„Најодговорно ви тврдам дека во иднина Министерството за внатрешни работи максимално ќе се фокусира на секој еден ваков кривично правен настан. Сега за среќа законот ни дава повеќе овластувања да постапување особено ако бидат констатирани видливи телесни поведи од страна на полициските службеници, туку жртвата не ќе може да се повлече“,
рече Тошковски.
Прашан зошто и во случајот вчера полицијата не реагирала на овој начин, министерот рече, тоа не било направено оти жртвата рекла дека немало физички напад, како и тоа што полициските службеници не забележале видливи телесни повреди.
По прес-конференцијата на Тошковски, од Јавното обвинителство одговарајќи на прашања од новинарите наведоа дека во Основното јавно обвинителство Скопје лицето (Стојанче Јовановски) не било пријавено за кривични дела семејно насилство.
Оттаму ја потврдуваат кривичната пријава што против него била поднесена за дрогата и мерките за претпазливост што му ги одредил судот, а кои сè уште се активни.
„Против него има активна постапка од 29.12.2025 година за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик за пронајдени 19 грама марихуана и 7 грама амфетамин во багажникот на неговиот автомобил. По предлог на надлежниот обвинител, ценејќи ги сите околности во предметот, судија на претходна постапка му определил мерки на претпазливост кои се уште се на сила“,
велат од Обвинителството.
Во однос на постари постапки, од Обвинителството велат дека „сè е процесуирано, поднесено е обвинение за насилство кон трето лице, заедно со други соучесници, како и обвинение за напад врз службено лице заедно со сега починатата“.
