Камила во моментов ја има титулата кралица сопруга на монархот, а извор близок до кралското семејство изјавил дека по крунисувањето сопругата на кралот Чарлс Трети ќе добие нова официјална титула, пренесува Би-би-си
На поканата за крунисувањето на британската кралска двојка, која ќе се одржи на 6 мај во Вестминстерската опатија пред околу 2 000 гости, покрај кралот Чарлс Трети, неговата сопруга првпат официјално е наречена кралицата Камила.
Камила во моментов ја има титулата кралица сопруга на монархот, а извор близок до кралското семејство изјавил дека по крунисувањето сопругата на кралот Чарлс Трети ќе добие нова официјална титула, пренесува Би-би-си.
Објавена е и нова официјална фотографија од кралот Чарлс Трети и неговата сопруга.

Поканата за крунисување, илустрирана од уметникот Ендрју Џејмисон, ја прикажува фолклорната фигура на „зелениот човек“ и ја одразува долгогодишната посветеност на кралот Чарлс Трети кон животната средина.
Бакингемската палата соопшти дека илустрацијата е симбол на пролетта и повторното раѓање, прославувајќи го владеењето на новата кралска двојка.

Подготовките за свечената церемонија на крунисување се во тек, а засега не е јасно дали британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган, војвотката од Сасекс, ќе ја прифатат поканата упатена до нив.
Американскиот претседател Џозеф Бајден нема да патува во Лондон на церемонијата, но на крунисувањето ќе присуствува неговата сопруга Џил, соопшти Белата куќа.