Во однос на ставот на Прогресивниот синдикат за образование (ПРО) при ССМ за линеарно зголемување на платите за 2 800 денари, од СОНК велат оти остануваат на ставот дека вреднувањето на трудот и зголемувањето на платите треба да биде во согласност со колективните договори
За членовите на Самостојниот синдикат за образованието, науката и културата (СОНК) неприфатливо е линеарното зголемување на платите кое, како што посочуваат оттаму, како систем за вреднување и наградување на трудот не е познат во системот за плати во нашата држава и пошироко, а за кое Прогресивниот синдикат за образование (ПРО) при ССМ смета оти во моментов е најодржливо решение.
„Од таа причина, остануваме на ставот дека вреднувањето на трудот и зголемувањето на платите, треба да биде во согласност со колективните договори“,
наведува СОНК во реакција на соопштението од Прогресивниот синдикат за образование (ПРО) при Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Од ПРО при ССМ бараат со Законот за наставници и стручни соработници да се регулира идното зголемување на платите во образованието, процентуално, согласно зголемувањето на минималната плата. Воедно, бараат да се реши статусот на вработените на определено време и сите идни вработувања во образованието да бидат на неопределено време.
Во однос на ставот на ПРО, кој денеска соопшти дека ќе се приклучи официјално кон штрајкот на СОНК доколку овој синдикат го поддржи нивното барање, СОНК во реакцијата одговори дека не е етички синдикат да условува друг синдикат за давање поддршка во период на генерален штрајк.
„Особено за СОНК е неприфатливо еден минорен синдикат за образование да го условува репрезентативниот синдикат (СОНК) со Барање за поддршка за нивните ставови, за кои впрочем СОНК веќе подолго време успешно се справува и има соодветни резултати“,
пишува СОНК во реакцијата.
Воедно, СОНК изрази благодарност за поддршката што ја добива за штрајкот, меѓутоа, како што наведува, нема да прифати никакви условувања од ниедна организација или поединец којшто ќе се обиде да профитира во ситуација кога има општа криза во процесот на договарање и надминување на разликите во ставовите со надлежните институции.
Синдикатот информира и дека трансформациите на работните договори од определено на неопределено работно време континуирано се прави преку општински комисии за трансформација, од 2009 година до денес.
„Од таа причина, одговорно тврдиме дека станува збор за чиста шпекулација дека имало над 4 700 договори на определено време кои не се трансформираат“,
стои во реакцијата на СОНК потпишана од нејзиниот претседател Јаким Неделков.
