Во своето обраќање пред новинарите, претседателот на СОНК посочи оти штрајкот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, дури и во случај до вечер да се сретнат со владините претставници и да се усогласат по однос на нивните барањата, затоа што како што истакна, ќе треба предлозите да одат во процедура кај членството и да добијат овластување за евентуален прекин на штрајкот или одбивање на предлогот
Многупати споменавме дека ние не сме тие кои што ќе речеме децата да не се носат во детските градинки, меѓутоа уште сто пати ако треба ќе кажеме дека процесот на штрајк никој не смее да го прекине, никој не смее да врши притисоци и од таа причина најавивме кривични пријави против секој оној што ќе се обиде да го спречи штрајкот.
Ова на денешната прес-конференција го истакна Јаким Неделков, претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и посочи дека денеска, на првиот ден од штрајкот, масовно се штрајкувало во сите воспитно-образовни установи ширум земјава, но оти вработените во одредени установи се соочиле и со притисоци.
„За волја на вистината, во делот на детската заштита, во детските градинки имаме и посериозни притисоци и проблеми во однос на настојување на директорите на градинките да воспитувачите по секоја цена влезат во детските групи, да се прекине штрајкот итн.“,
истакна Неделков, додавајќи оти никој не смее да го прекине процесот на штрајк и оти најавиле кривични пријави против секој кој ќе се обиде да го стори тоа.
Како што посочи Неделков, во однос на притисоците на вработените во воспитно-образовните институции особено изразена е ситуцијата во детските градинки во Општина Центар, во Општина Карпош во градинката „Орце Николов“, во Општина Валандово, Општина Гевгелија и во некои други општини каде има помал број на штрајкувачи кои морале да бидат на своите работни места иако се во штрајк.
„Апсолутно е неприфатливо и недемократски во 21 век на некого да му се крати правото на слободно изразување на неговото незадоволство. Тоа ние нема да го дозволиме“,
истакна Неделков.
Освен овој проблем, за кој претседателот на СОНК смета оти нема да ги поколеба штрајкувачите, истакна оти постои уште еден проблем, а тоа е времето на штрајкување на дневна основа.
„Имаме и проблем во однос на работното време на штрајкување. Се толкуваат разно-разни закони, особено законот за работни осноси каде што се предвидени 40 часа работно време неделно или осумчасовно работно време дневно. Меѓутоа, ова се посебни дејности каде што не се обврзни колегите и колешките да бидат на работа осум часа и од таа причина сметам дека во најмала рака треба договорот помеѓу директорите на установите и градоначалниците да биде да се штајкува онолку колку што биле и смените во училиштата“,
истакна Неделков и додаде оти инсистирањата да се штрајкува по осум часа е непродуктивно со што се прават дополнителни трошоци во установата.
Во своето обраќање пред новинарите, претседателот на СОНК посочи оти штрајкот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, дури и во случај до вечер да се сретнат со владините претставници и да се усогласат по однос на нивните барањата, затоа што како што истакна, ќе треба предлозите да одат во процедура кај членството и да добијат овластување за евентуален прекин на штрајкот или одбивање на предлогот.
„Процедурата мора да се запази и тоа бара време“,
додаде Неделков.
Неделков посочи оти денеска имал краток разговор со министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој му најавил дека можеби ќе се сретнат утре. Истакна дека чекаат да бидат повикани на средба, но дека тоа мора да биде конструктивен и конкретен дијалог, а не, како што рече, пропаднат и бесцелен разговор.
Меѓу другото, Неделков им се извини на родителите за новонастанатата ситуација, но и се заблагодари за масовната поддршка која им ја укажуваат, а тоа како што посочи, тоа се гледа по малиот број на ученици во основните и средните училишта и релативно малиот број деца кои се донесени во детските градинки.
