Штрајкот следува откако претходно се одржаа неколку средби со ресорните министерства и Владата на кои не беше постигнат договор во врска со нивното барање за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска го почна штрајкот во градинките и во основните и средните училишта на тој начин што воспитувачките, наставниците и професорите нема да ги извршуваат работните задачи и, според најавите, тоа ќе трае сè додека не се изнајде соодветно прифатливо решение за двете страни. Од министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, пак, порачаа дека и во услови на штрајк училиштата и градинките мора да ја вршат својата дејност – згрижување и воспитание на децата и организирање на воспитно-образовниот процес.
Како што најави вчера претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на прес-конференција штрајкот ќе се одвива со неизвршување на работните задачи на работното место, односно штрајкувачите ќе бидат сместени во простории кои заеднички ќе ги договорат со директорите на установите и нема да ги извршуваат своите воспитно-образовни и згрижувачки дејности.
„Штрајкот ќе трае сè додека не се изнајде соодветно прифатливо решение за двете страни. Затоа апелирам до Владата што побрзо да нè повика на разговори и што побрзо да најдеме заемно прифатливо решение и да почне редовната настава. Во спротивно целата одговорност зошто учениците немаат основно загарантирано право на образование ќе падне на ресорните министерства и на Владата“,
рече Неделков.
Тој нагласи дека СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но нема да изведува воспитно-образовна и загрижувачка дејност и ќе биде во штрајк, а одговорност за обезбедување минимум услови за функционирање на установите, како и за прифаќање на децата, како што кажа, ќе имаат директорите.
„Никој нема право да ги присилува штрајкувачите да прифаќаат, да згрижуваат и да воспитуваат деца. Без разлика дали некој поединечно гласал за или против поддршка на штрајкот, секој мора да штрајкува. Секој обид за оневозможување на штрајкот е сериозен прекршок кој е казнив по домашните закони. Немаме никаква одговорноста ако децата дојдат на училиште или во градинка врз основа на згрижување, воспитание, образование и храна. Ние ќе бидеме во посебни простории. За таа намена можат да се употребат вработени кои евентуално нема да штрајкуваат по разни основи“,
рече вчера Неделков.

Министерството за образование и наука (МОН) вчера порача дека основните и средните училишта и во услови на штрајкот на СОНК ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно-образовен процес.
„Правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно-образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година. Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности, како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година“,
прецизираа од МОН во соопштение до медиумите.
И од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во соопштение вчера порачаа дека сите предучилишни установи ќе продолжат да ја вршат својата дејност – згрижување и воспитание на децата и во деновите на штрајк.
„Во согласност со Конвенцијата за правата на детето, одредбите во Уставот на Република Северна Македонија и Законот за заштита на децата, неприкосновено право на децата е да им биде пружено згрижување и воспитание во предучилишни установи како облик на заштита на децата. Согласно Законот за заштита на децата, во предучилишните установи за деца, вршењето на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст не смее да се прекинува освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а по претходна согласност од Министерството за труд и социјална политика, но не и за време на штрајк“,
посочија од МТСП.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вчера ги повика наставниците од основните и средните училишта да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруши образовниот процес.
„Учениците треба да бидат во училиштата, таму каде што припаѓаат. По долгото пандемиско отсуство од клупите, ова е и морална обврска кон вашите професионални задачи како наставници и педагози. Ова е потребно најмногу како поддршка на вашите ученици во еден многу важен дел од нивниот живот“,
порача Ковачевски.
Тој во објавата посочи дека правото на штрајк е загарантирано право што во целост го почитува, но порача дека социјалниот дијалог е единствениот пат да се дојде до заеднички решенија, апелирајќи да не запира процесот на образование и да продолжи дијалогот за да се изнајде прифатливо решение.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, излегоа со поддршка за штрајкот. Претседателка на партиската Комисија за образование и наука, Весна Јаневска вчера на прес-конференција истакна дека вработените во образованието, во училиштата и во градинките, имаат со Устав загарантирано право на штрајк.
„Синдикатот има обврска, но и морално право да го организира штрајкот. Наставниците имаат право на нивелирање на коефициентите на сложеност на работните места според растот на минималната плата. Наставниците имаат право на покачување на платите согласно Колективниот договор. Тие тоа и го заслужуваат. Владата, наместо да им се заканува и врши притисоци врз нив, треба да се потруди да ги исполни нивните барања, да го исполни тоа што им следи и да го исполни тоа што го прифатила со колективните договори“,
рече Јаневска.
Штрајкот следува откако претходно се одржаа неколку средби со ресорните министерства и Владата на кои не беше постигнат договор во врска со нивното барање за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти.
Од Синдикатот посочуваат дека целата на ова барање е усогласување на останатите плати со порастот на минималната плата во државата од 15 199 на 18 000 денари, што веќе стапи во сила.
