Од Синдикатот претходно најавија генерален штрајк доколку не бидат исполнети нивните барања
Претставници на Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК) попладнево остварија средба со премиерот Димитар Ковачевски, министерот за образование Јетон Шаќири, заменик премиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, на која се разговарало за барањето на СОНК за зголемување на платите, односно усогласување на платите во образованиот систем со покачената минимална плата.
„На средбата се разговараше за барањата на СОНК и на истата е донесен заеднички заклучок дека Владата е отворена за континуиран дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија кои ќе постават рамка која ќе го заштити стандардот и интегритетот на наставниот кадар, а со акцент на стартната позиција врзана со социјалниот статус на вработените во воспитно-образовниот систем како основ за понатамошните разговори“,
се вели во соопштението на Влада по завршувањето на средбата.
Претходно, Неделков на фејсбук-страницата на СОНК објави дека целта на средбата е постигнување договор за исполнување на нивното барање за зголемување на платите, односно усогласување со минималната плата во дејностите што ги покрива – образование и детска заштита.
Членството од регионите на Синдикатот се изјасни за генерален штрајк доколку не се исполнат нивните барања. СОНК бара усогласување на платите во образованието со минималната плата, која од овој месец се зголемува од 15 200 на 18 000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.
СОНК бара корекции на платите и за вработените во градинките, како и усогласување со минималната плата во високото образование и за вработените во ученичките и студентските домови.