Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели оти одлуката за штрајк на градинките и школите, кој би требало да започне на 11 април, ќе трае сè додека не се исполнат нивните барања за усогласување на минималната плата со останатите плати во образовниот сектор
За денеска, како што претходно најави претседателот на Синдикатот за образование и наука (СОНК), Јаким Неделков, закажана е нова рунда преговори меѓу Синдикатот и Владата на која треба да преговараат за усогласување на платите во образовниот сектор.
Неделков вели оти одлуката за штрајк на градинките и школите, кој би требало да започне на 11 април, ќе трае сè додека не се исполнат нивните барања за усогласување на минималната плата со останатите плати во образовниот сектор.
СОНК бара следење на процентот на пораст на минималната плата односно за 18,4 проценти да се зголемат платите за потоа да се изнајде системско решение и во иднина да не се протестира секогаш кога ќе се зголемува минималната плата.
Меѓу другото, за претседателот на СОНК недозволиво е исполнување на нивните барања со проектирање на Буџетот за 2023 година.
„Ние сме за дијалог. Тоа сме го покажале и докажале досега. Уште пред четири години баравме со континуираното зголемување на минималната плата, да се усогласат и останатите плати. Четири години молиме да се надмине оваа состојба“,
изјави Неделков за ТВ Сител.
Како што посочи, досега немаат конкретен одговор од Владата и ресорните министерства освен тоа дека има криза и дека во овој момент е тешко да се одговори на барањата на синдикатот.
Според претседателот на СОНК, предлогот за зголемување на платите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) е амортизирање во дадената ситуација и проблемот нема системски да се реши.
