За ова, пред почетокот на денешната средба, информира првиот човек на МОН, Јетон Шаќири, кој истакна дека темата на денешниот преговарачки состанок на Министерството со СОНК ќе бидат колективните договори за основно и за средно образование. За нова финансиска понуда, додаде Шаќири, ќе се разговара на почетокот на следната недела
Новиот процент за повисоки плати во образовниот сектор нема да биде тема на денешната преговарачка средба помеѓу Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН).
За ова, пред почетокот на денешната средба, информира првиот човек на МОН, Јетон Шаќири, кој истакна дека темата на денешниот преговарачки состанок ќе бидат колективните договори за основно и за средно образование.
За нова финансиска понуда, додаде Шаќири, ќе се разговара на почетокот на следната недела.
„Конкретна финансиска понуда денеска нема да имаме. Ќе дискутираме за начин за изнаоѓање модел за конечната понуда и кога и како ќе почне да се реализира“,
изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири пред новата преговарачка средба со СОНК закажана со почеток во 14:30 часот.
Шаќири посочи дека МОН има пресметки од Министерството за финансии и очекува на почетокот на идната недела и по ова прашање да се дојде до конечен договор помеѓу двете страни.
„Отворивме дискусија и сме при крај во преговорите за новите колективни договори и што ќе влезе во нив. Во секторот образование не е потпишан колективен договор повеќе од десет години“,
додаде Шаќири по учеството на семинарот за регионалниот проект „Заживување на наставата по француски јазик во образовните системи на земјите од Западен Балкан“.
По последната средба на СОНК и МОН, која се одржа во средата, Синдикатот соопшти оти на средбата закажана за денеска очекува да се постигне конечно усогласување на ставовите за ова прашање, како и за колективните договори за основно и средно образование и временска рамка за изработка, потпишување и нивна примена.
Преговарачките средби на Синдикатот со надлежните Министерства за образовниот и секторот детска заштита, МОН и МТСП, се одржуваат во рамки на дополнителниот десетдневен рок за помирување, откако во неделата истече периодот од првите десет дена за мирно решавање на спорот со медијатор.
Генералниот штрајк во училиштата и градинките во земјава кој почна на 11 април, беше ставен во мирување на 28 април кога СОНК беше известен од МТСП за законската одредба од најмногу 20 дена за помирување со посредство на помирувач.
Лидерот на СОНК, Јаким Неделков, тогаш соопшти дека штрајкот ќе биде повторно активиран доколку не ги усогласат ставовите со со ресорните министерства по однос на нивните барања.