Самостојниот синдикат за образование, наука и култура бара Министерството за труд и социјална политика веднаш да реагира за, како што велат, незаконското зголемување на работното време на воспитувачките и негувателките во градинките кои, наместо да работат 6 и 7 часа, наложено им е да работат фиксно 8 часа.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека согласно закон и Колективниот договор, работното време е регулирано на 6 часа за воспитувачките и 7 часа за негувателките.
Тој додаде дека инспекцијата при Министерството за труд и социјална политика не го почитува ова работно време и издава решенија до директорите, со кои им наложува да го реорганизираат работното време и фиксно да се работи 8 часа.
Неделков на денешната прес-конференција рече дека согласно законот и Колективниот договор, работа со деца е шест и седум часа, останатите часови, до 8 часот на работно време се регулира со посебен акт каде што дополнителните прoграмски активности се реализираат или во установата или во други работни средини.
Директорите на градинките, како што посочи Неделков, поттикнати од инспекторите од Министерството за труд и социјална политика им наложуваат на вработените да седат внатре во градинките.
„Со оглед на условите за работа кои градинките најчесто ги немаат во однос на посебни простории, во однос на информатичка технологија, во однос на пандемијата која зема се поголем замав, спротивно на тоа директорите поттикнати од инспекторите од Министерството за труд и социјална политика им наложуваат на вработените да седат внатре во градинките. Практично, тие бесцелно седат на работното место, а работата која што дополнително треба да ја извршат повторно мора во домашни услови да ја реализираат“,
рече Неделков.
Тој додаде дека на овој начин грубо се кршат и законот и Колективниот договор за работното време на вработените во детските градинки.
„Бараме од директорите на установите да ги преиначат решенијата кои ги издале до вработените за да се врати старото работно време од 6 и 7 часа за овој персонал. Бараме од трудовата инспекција да влезе во градинките, да испита дали имаат безбедни услови за работа бараме да констатира дали има пишана изјава од директорите за безбедност и здравје при работа. Бараме од трудовата инспекција да провери дали се почитуваат протоколите за работа“,
посочи Неделков.
Тој додаде дека СОНК ќе побара и одговорност на инспекторите кои ги кршат законот и Колективниот договор. Исто така, како што посочи, за ова ќе ги информира и европските синдикални пријатели, поточно Европска конфедерација на синдикати за образование, каде што спаѓаат и детските градинки.