Временската прогноза е слична и за утре. За в четврток, пак, УХМР најавува значителен пад на дневните температури
Времето во земјава денеска ќе биде сончево и многу топло, со високи дневни температури, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Ќе дува умерен, на места засилен ветер од јужен правец.
Минималните температури ќе бидат во интервал од 16 до 21 Целзиусов степен, а максималните денеска ќе се искачат од 31 до 42 степена. УВ-индексот и денеска ќе има висока вредност и ќе изнесува 10.
Сончево и многу топло време денеска се очекува и во главниот град.
За Скопје, УХМР најавува максимална дневна температура до 40 степени. Ќе има појава на мала облачност со умерен, а повремено засилен ветер од југозападен правец.
Временската прогноза е слична и за утре – сончево и многу топло време. За в четврток, пак, УХМР најавува значителен пад на дневните температури, и услови за локален дожд во западните делови на земјава.