Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) реагира на новите услови за финансиска помош на приватниот сектор што ги презентираше министерката за финансии Нина Ангеловска, а со кои, меѓудругото, се овозможува минималец за своите вработените да можат да побараат и компаниите кои отпуштиле работници, односно малите и микрокомпани можат да го намалат бројот на вработени за 15 проценти, средните за 10, а големите за 5 проценти.
ССМ во соопштение до јавноста побара итна средба со Ангеловска и ја обвини дека се става во заштита на газдите.
„Сојузот на синдикатите на Македонија ѝ се ‘заблагодарува’ на министерката за финансии Нина Ангеловска, затоа што во целост ги поддржува и применува мерките од ‘газдите’ и придонесува да се зголеми бројот на невработени во Република Северна Македонија, како честитка по повод претстојниот 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот. Сојузот на синдикатите на Македонија ги потсетува Министерството за финансии и Владата дека давање финансиска поддршка која на крајот на денот ќе се враќа од парите на работниците и преку даноците на граѓаните не смее да овозможува намалување на бројот на вработени односно државата да го финансира отпуштањето на работниците под притисок на работодавачите“,
се вели во реакцијата на ССМ.
Претходно, мерката со која фирмите можат да аплицираат за добивање по 14 500 денари по вработен за април и мај беше предвидено да важи само за компаниите кои ќе го задржат истиот број вработени до септември, па беше намален периодот за овој услов да важи до јуни. Со новите критериуми, пак, задржувањето на работниците повеќе не е услов за субвенционираната минимална плата.
Поврзана вест:
Со 3 новини се олеснуваат критериумите за финансиска поддршка за фирмите погодени од пандемијата