Во писмото упатено до премиерот Зоран Заев, министерката Мила Царовска и директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска, лидерот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи бара да интервенираат за сите средни училишта истовремено да го почитуваат и да го спроведуваат договорот од 16 февруари, на кој било кажано дека ова нема да остане само на хартија
Сојузот на средношколци е загрижен за спроведувањето на договорот постигнат со Владата за државната матура 2020/2021 година откако матуранти информирале за професори од некои средни училишта кои изјавиле дека нема да почитуваат одредени точки во договорот.
„Според договорот, се согласивме дека ‘училиштата се должни да ги споделат материјалите за интерните испити и банки на прашања најдоцна три недели пред денот на испитот. Тие да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања’. Оваа точка на договорот е флагрантно прекршена од некои средни училишта во земјава. Ова е неприфатливо“,
велат од Сојузот и со имиња ги посочуваат тие школи.
Станува збор за училиштата „Ѓорче Петров“, „Орде Чопела“, „Ристе Ристески-Ричко“, гимназија „Мирче Ацев“, „Кузман Јосифоски-Питу“, „Јосип Броз Тито“-Битола, „Д-р Јован Калаузи“, „Св. Клименти Охридски“ – гимназија Охрид, „Никола Штејн“-Тетово и „8 Септември“-Тетово.
Во писмото упатено до премиерот Зоран Заев, министерката Мила Царовска и директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска, лидерот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи наведува дека на матурантите им било ветено оти постигнатиот договор ќе се реализира точка по точка.
Затоа од нив бара да интервенираат за сите средни училишта истовремено да го почитуваат и да го спроведуваат договорот бидејќи, како што вели, на последниот заеднички состанок на 16 февруари 2021, се согласиле дека „договорот нема да остане само на хартија, туку ќе се спроведе“.
На 18 февруари премиерот Заев и Ходаи на заедничка прес-конференција ги објавија деталите од решението за државната матура. Според него, ќе се полагаат два екстерни предмети, додека еден од досегашните екстерни преминува во интерен, ќе се формира работна група од Бирото за развој на образованието и Сојузот на средношколци, во која ќе има и наставници, која ќе одлучува за кратење на програмите за екстерните испити и со која ќе претседава претставник од кабинетот на премиерот. Полагањето според новиот модел од два екстерни и два интерни предмети (досега беше 3+1) се одложува за една недела – наместо на 29 мај, ќе биде на 5 јуни.