Иако холандската влада пред еден месец соопшти дека не гледа никаква пречка да даде зелено светло за првата меѓувладина седница, бугарски медиуми сега излегуваат со поинакви тврдења повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, но и на фејсбук-статус на Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ
Данска и Холандија се двете земји кои се приклучија кон бугарското вето за Северна Македонија, тврди бугарскиот весник „24 часа“ повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.
Изворите на весникот тврдат дека иако нема спорни прашања за Македонија, постои големо неодобрување на преговарачката рамка за Албанија.
„24 часа“ пренесува и дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, претходно напиша на Фејсбук дека Бугарија не е сама во ветото за С Македонија и дека има поткрепа од уште најмалку две членки на Европскиот совет.
„По однос на последицата од наметнатиот спор, а тоа е одолговлекување на процесот на проширување на ЕУ, изгледа дека Бугарија не е осамена, туку има дискретна дипломатска поддршка од уште најмалку две земји членки на ЕУ. Истовремено, неколку ЕУ членки, меѓу кои се и Франција, Грција, Италија и Холандија, се против усвојување на заклучоци и/или преговарачка рамка само за Албанија“,
напиша Милошоски на Фејсбук.
Пред еден месец холандската влада соопшти дека не гледа никаква пречка да даде зелено светло за одржување на првата меѓувладина седница со С Македонија.
За бугарската блокада повторно ќе се дискутира на состанок на 7 декември, а еден ден подоцна е закажан Советот за општи работи, на кој повторно ќе се дискутира за процесот за преговори на С Македонија и ЕУ.
Деновиве продолжуваат состаноците и на Мешовитата комисија за историски прашања.