„Длабоко сме разочарани што токму земја партнер си дозволува да ја промовира контрапродуктивната реторика на Владата на Република Северна Македонија, која постојано бара некого да го обвини за недостигот на напредок во нејзиниот процес на европска интеграција“, наведуваат од МНР на Бугарија
Претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, пред два дена беше во посета на Скопје од каде што упати остри критики до Европската Унија велејќи дека си игра со довербата на земјава. Оцени дека Македонија има потенцијал да преговара, но изрази загриженост дека со пристапниот процес се играат геополитички игри
Официјална Софија ја оцени за разочарувачка изјавата што претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, ја даде за време на посетата на Скопје пред два дена, а со која остро ја критикуваше Европската Унија велејќи дека си игра со напорите на Македонија во поглед на евроинтеграциите.

Во официјалното соопштение на Министерството за надворешни работи на Бугарија се наведува дека словачкиот амбасадор во Софија, Васил Гривна, вчера бил повикан на разговор поради, како што се посочува, изјавата на Пелегрини и неприфатливите оцени дадени во врска со евроинтеграциите на земјава.
„Генералниот директор за европски прашања Јордан Прванов ја изрази длабоката збунетост на бугарската страна во врска со ставовите изнесени од претседателот Пелегрини, кои во практика ја оспоруваат валидноста на европскиот консензус од јули 2022 година, усвоен од сите земји членки на ЕУ, вклучително и Словачка. Длабоко сме разочарани што токму земја партнер си дозволува да ја промовира контрапродуктивната реторика на Владата на Република Северна Македонија, која постојано бара некого да го обвини за недостигот на напредок во нејзиниот процес на европска интеграција. Таквиот став не е во интерес ниту на стратегиската визија на Европската Унија за регионот ниту на граѓаните на оваа земја кандидат“,
се наведува во официјалното соопштение на МНР на Бугарија.
До официјална Братислава оттаму упатија порака дека напредокот на патот кон ЕУ зависи исклучиво од сопствените заслуги во процесот на спроведување на утврдените критериуми и постигнатите договори.
- ЕУ не може да си игра со довербата на оваа земја – порача словачкиот претседател Пелегрини од Скопје
Претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, пред два дена беше во посета на Скопје од каде што упати остри критики до Европската Унија велејќи дека си игра со довербата на земјава. Оцени дека Македонија има потенцијал да преговара, но изрази загриженост дека со пристапниот процес се играат геополитички игри.
„Во ЕУ ќе има земји коишто ќе играат политички игри со цел да го попречат пристапувањето. Верувам дека ако го прават тоа тогаш ќе направат огромна политичка грешка и ќе зажалат за тоа“,
изјави Пелегрини и додаде дека земјава ги вложила сите свои напори, а не добила ништо за возврат од Унијата.